Обвинителството одлучува за кривична пријава против Марина Кавракова
Директорката на Комисијата за хартии од вредност се товари за злоупотреба на претходната функција
Скопското јавно обвинителство е пред одлука дали да поднесе обвинение за злоупотреба на службената должност против поранешната директорка на Агенцијата за приватизација, Марина Наќева-Кавракова. Овој случај, сам по себе не би бил толку интересен, доколку не се работи за актуелната директорка на Комисијата за хартии од вредност. Нејзиното именување пред една година беше повод за жестока парламентарна дебата во највисокиот законодавен дом, при што аргументите на власта беа нејзината стручност, а на опозицијата - политичката припадност.
Кавракова се товари дека за време на своето директорување во текот на 2000 година, овозможила во неколку блок-трансакции да се продадат акциите на три фирми без да се почитува редовната процедура и да се огласат на продажба. Станува збор за фирмите „Скопски саем“, „Трудбеник“ од Охрид и една градежна фирма од Кавадарци.
По спроведената истрага и добиените дополнителни информации од МВР, истражниот судија неодамна го вратил предметот во Обвинителството, кое во наредните денови треба да одлучи дали ќе се поведе обвинителен акт против Кавракова, или пак, пријавата ќе биде отфрлена како неоснована.
Актуелната директорка на Комисијата за хартии од вредност заработи кривична пријава и на новата функција. Во мај годинава, поднесена е кривична пријава од фирмата „Свислион“, кој ја проблематизира продажбата на дел од акциите во ресенски „Агроплод“, а Кавракова ја обвинува за конфликт на интереси во конкретниот случај. Фирмата ја оценува како невалидна одлуката на Комисијата за хартии од вредност со која им е одземено правото на глас за дел од акциите од „ Агроплод“. Во кривичната пријава се наведува дека кога во 2001 година фирмата „Ликом“ го купила првиот пакет акции преку Агенцијата за приватизација, директорка на институцијата била токму Кавракова. Тие сметаат дека актуелната директорка на КХВ воопшто не требало да има право на глас за акции во „Агроплод“, затоа што кај неа постоел конфликт на интереси. Наодите од пријавата се' уште се во фаза на проверка во МВР. (Г.Д.) |