Загинал од струен удар при монтажа на хидрофор
КУМАНОВО - При монтирање хидрофор во шахта длабока 1,5 метри, во дворот на својата куќа, во саботата попладне од струен удар животот го загуби 38-годишниот Зоран Станојковски од кумановското село Табановце. Според резултатите од увидот на полицијата и на истражен судија, смртта настапила по струјниот удар во влажната бетонска шахта и во внатрешноста на кутијата од разводен кабел. Истражната комисија тврди дека монтажата на хидрофорот била изведувана без доволно внимание. Во моментот на несреќата, во близина на шахтата бил еден од двајцата синови на Станојковски, кој ја исклучил струјата и со еден пријател го извадиле веќе безживотното тело на Зоран.
Роднините и пријателите, кои присуствуваа на завчерашниот погреб на Станојковски на гробиштата во Табановце, раскажуваат дека не му било првпат да инсталира хидрофори и пумпи во селото, меѓутоа овој пат судбината посакала да го загуби животот во своите најубави години. (Ст.Б.)
|