Крадел во амбуланта, се повредил и барал помош
Необичен обид за кражба се случи во саботата од 21 до 22 часот на улицата „Огњан Прица“ во скопската населба Кисела Вода. Горан Т. (29) се обидел да ја ограби здравствената ординација, но на крајот самиот завршил во болница. Според МВР крадецот најнапред ја скршил дрвената заштитна ограда, а потоа со шрафцигер ја отворил бравата и влегол во ординацијата. Се качил на горниот кат и потоа се обидел преку отворениот прозорец да помине до друг прозорец. Но, тогаш се лизнал и паднал на асфалтот. Тој почнал да офка и да бара помош. Случаен минувач го забележал крадецот, кој му рекол веднаш да повика Брза помош. Откако му била укажана лекарска помош, Горан Т. им признал на полицајците како се случила несреќата. (Г.А.)
|