Македонец во САД осуден на три години поради киднапирање на ќерките

Војко Ризвановиќ (38) се обидел да ги донесе во Македонија двете малолетни ќерки
Македонскиот гастербајтер Војко Ризвановиќ (38) завчера е осуден на три години затвор поради киднапирање на неговите две ќерки, одлучи Федералниот суд во сојузната американска држава Јута. Според обвинението, Ризвановиќ во февруари минатата година со авион ги напуштил САД заедно со неговите ќерки, двегодишната Донка и четиригодишната Цветанка, наспроти одлуката на судот за малолетници во Јута, кој стартелството над децата го доделил на неговата вонбрачна сопруга Сабира Ахмиќ.
Американскиот весник „Дезерт њуз“ објави дека судијата, изрекувајќи ја пресудата, рекол оти постојат силни докази дека Ризвановиќ однапред планирал да ги изнесе ќерките од државата и да ја прекрши судската одлука.
Според обвинението, Ризвановиќ откако добил дозвола децата да ја минат ноќта кај него, ги качил на авион и заминале за Австралија, каде што останале повеќе од три недели. Потоа со авион заминале за Македонија, каде што живеела мајката на Ризвановиќ. Но, пред летот од Виена за Скопје, Ризвановиќ беше уапсен, откако американските власти издале меѓународна потерница по него.
Федералната порота го прогласи за виновен минатиот месец, но според американскиот закон, пресудата му беше изречена еден месец подоцна. Казната од три години е максимална која можеше да ја добие Ризвановиќ, пишува „Дезерт њуз“. (Ј.К.) |