Балканскиот наркобос Јоца Амстердам првпат пред судот

Сретен Јоциќ е обвинет за поттикнување убиство на повеќе луѓе
Балканскиот наркобос Сретен Јоциќ, алијас Јоца Амстердам, во вторникот првпат седна на обвинителната клупа во белградскиот суд. Во овој случај, нему му се суди за поттикнување убиство на повеќе луѓе.
Процесот веднаш беше одложен за почетокот на декември годинава, поради тоа што во судницата не се појавил никој од членовите на двете оштетени семејства, пишува белградски „Блиц“.
Според обвинението, Јоциќ во јуни 1995 година на полицајците Миодраг Продановиќ и Бојан Милосавлевиќ им ветил 50.000 марки да го убијат Горан Марјановиќ- Гокси бомбашот, како и на уште едно лице со прекар Дуца. Милосавлевиќ и Продановиќ веќе се осудени на 15 години затвор за убиство на Марјановиќ, но и на Јелена Ѓорѓевиќ, која случајно настрадала во пукотницата.
На првото појавување пред судот, Јоциќ тврдел дека нема никаква врска со обвинението.
Јоциќ беше уапсен пред шест години во Бугарија, која го испорача во Холандија, а во Србија беше префрлен во 2006 година. (Х.Р.) |