Олигарх против Путин
Михаил Прохоров најави дека ќе му биде ривал на премиерот во трката за претседател
МОСКВА - Еден од најбогатите Руси не се држеше до неофицијалната забрана на руските власти дека олигарсите не треба да се занимаваат со политика и најави дека ќе се натпреварува со актуелниот премиер Владимир Путин за местото претседател на владата.
Металуршкиот и рударски магнат, 46-годишниот Михаил Прохоров, во саботата беше избран за претседател на Либералната партија „Вистинска работа“ и веднаш вети дека ќе се бори против партијата на Путин „Обединета Русија“. „Нашата држава се вика Руска Федерација, но според структурата е царство“, рече олигархот и додаде дека во Русија вредат само претседателските овластувања.
„Мораме да го преземеме парламентот така што во иднина ќе станеме втора најголема партија, а подоцна и најголема“, изјави Прохоров пред своите партиски колеги. Премиерот Владимир Путин веќе некое време размислува за враќање на претседателската позиција на која беше од 2000 до 2008 година. Но, на тој пат му стои актуелниот претседател Дмитриј Медведев, кого тој сам го постави да „му ја чува“ позицијата на која не можеше да остане поради уставни ограничувања. Медведев најави дека би можел повторно да се кандидира за претседател, но и дека не може да замисли да се бори против Путин.
Магазинот „Форбс“ го проценува богатството на Прохоров на околу 17,8 милијарди долари. Неговото политичко деби се случи спроти парламентарните избори во декември и претседателските избори во март наредната година. Мал е бројот на политички експерти што веруваат дека овој олигарх решил да се впушти во политички води без благослов од Кремљ. Последниот олигарх што се обиде да го собори Путин беше Михаил Ходорковски, уапсен во 2003 година.
Прохоров е познат на Запад по наводниот скандал со проститутка во Франција во 2007 година, како и по сопственоста во НБА-клубот „Њу Џерси нетс“. (Индекс.хр) |