Југословенските војни продолжуваат во книгите
Многу различни верзии за настаните што доведоа до крвав развод внатре и дефинитивен крај на СФРЈ
БЕЛГРАД - И покрај напорите да се залечат раните од крвавите конфликти во 90-тите години, со кои се распадна поранешна Југославија, децата од поранешните републики се' уште учат многу различни верзии за настаните. Додека регионални политичари, особено во Хрватска и во Србија, притискаат за помирување за да ги унапредат нивните земји кон Европската унија, историчарите се жалат дека во учебниците се' уште се пропагираат „ужасни стереотипи“ за другите етнички групи.
Почетокот на крајот за југословенската комунистичка федерација, формирана за време на Втората светска војна и предводена од Јосип Броз Тито, започна на 25 јуни 1991 година кога две од нејзините шест републики, Словенија и Хрватска, прогласија независност. Тој чекор предизвика низа војни во кои загинаа повеќе од 130.000 луѓе, а милиони се раселени низ Западен Балкан.
Во книгите за историја се' уште се забележува несогласувањето за причините и целите на бруталните конфликти во Хрватска, Босна и во Косово. Српската историчарка Дубравка Стојановиќ предупредува дека учебниците се оган што „бавно гори“, „на кој многу трпеливо се вари омразата во долг период“.
Во Хрватска 15-годишниците учат дека воената операција „Олуја“ од август 1995 година, со која заврши војната, е ослободување на „територија окупирана од Србите“ што ја покажува „завидната воена способност на хрватската војска“. Притоа само кратко се споменува дека биле протерани многу хрватски Срби бидејќи „тие биле исплашени да се соочат со последиците од злосторствата што ги извршиле“.
Во српските учебници учениците учат дека војната во Хрватска завршила со „протерување на над 220.000 Срби од страна на хрватската војска“.
Дамир Агичиќ, професор по историја на загрепскиот Филозофски факултет, вели дека на учебниците во регионот им недостига „мултиперспективен поглед“ на поновата историја. „Вистината е дека денес доминираат учебници во кои авторите пишуваат ексклузивно за страдањата на сопствените народи (етнички групи) и вината на другата страна“, вели професорот.
Слична е сторијата кога станува збор за војната во Босна. Додека во хрватските учебници стои дека војната започнала во април 1992 година кога „српските сили започнаа агресија врз Босна“, учениците на босанските Срби учат дека војната „се водела меѓу три национални војски: муслиманската, српската и хрватската“.
Анализа на учебниците во Босна направена од невладиниот фонд „Отворено општество“ заклучува дека секоја од трите етнички групи ја нагласува сопствената улога во историјата, честопати користејќи стереотипи за другите. „Оттука, Босанците (муслиманите) се сметаат за основачка нација на Босна, додека другите (Србите и Хрватите) се сметаат дека се обидуваат да ја уништат државата“. Од друга страна, „Србите се гледаат како вечни жртви“, а Хрватите се чувствуваат „дискриминирани од другите“, покажува студијата.
Во анализата се заклучува дека со зборување само за сопствените етнички групи и занемарување на придонесот на другите, книгите за историја, всушност, „го попречуваат процесот на интеграција на етничките групи, како што е илустрирано во изјавите на учениците дека ’Босна постои само на хартија’“.
Историчарката Стојановиќ нагласува дека младите генерации растат со „ужасни стереотипи“. „Тие се поконзервативни за минатото и нивните соседи отколку луѓето на 60-ина години. Тие се поксенофобични, етноцентристички и националистички“ отколку оние што ги водеа војните во 90-тите години, предупредува таа. (АФП)
|