Османи ќе развиори партиско знаме
Некогашната икона на ДПА ќе промовира нова партија и нови лица во политиката
Александра М. Митевска
Градоначалникот на Гостивар, Руфи Османи, се засити од статусот на локален политичар, па реши да покаже дека неговото враќање во политиката не било на кратки патеки. Дека единствена цел не му била да си го врати мандатот што му бил насилно одземен во 1997 година, како што тврдеше пред една и пол година, кога како независен кандидат се впушти во градоначалничката трка.
Османи уште еднаш потврди дека не се откажува од намерата да формира нова партија. Најави дека новиот политички субјект ќе се промовира до крајот на годинава и ќе учествува на следните парламентарни избори, за кои тој очекува да бидат редовни. Засега тоа е се' што може официјално да се дознае за партијата со која Османи планира да им биде конкуренција на владејачката ДУИ, на неговите некогашни сопартијци од ДПА и на НД, која ја поддржа неговата кандидатура за градоначалник.
Според неофицијалните информации, пак, не се очекува во новата партија да преминат некои од актуелните пратеници Албанци. Наводно, Османи планирал новиот субјект да се потпре и на нови лица, кои досега не биле експонирани на политичката сцена. Главно, тоа би биле интелектуалци што би се позиционирале во политичкиот центар согласно со трансформацијата на некогашниот десничар Османи, чија кариера како политичар и како градоначалник беше прекината пред 13 години, по т.н. гостиварски настани. „Идеите на политичкиот центар како идеологија се и моја професионална преокупација на факултетот“, рече Османи во една пригода.
Дури во минатата година тој реши да се врати во политиката, а резултатите од локалните избори (на кои со убедлива предност го победи градоначалничкиот кандидат на ДУИ, Невзат Бејта) покажаа дека го избрал вистинскиот момент за тоа. Упатените сметаат дека и неговата партија ќе се формира во вистинско време ако се имаат предвид предизвиците со кои се соочува државата, а кои значително се одразуваат на односите и на случувањата во албанскиот блок.
Аналитичарот Сефер Тахири оценува дека ако се има предвид политичката реалност во албанскиот камп, тогаш новиот политички субјект има реални шанси да се етаблира во партискиот систем во Македонија. „Анкетите покажуваат дека им паѓаат рејтинзите на постојните партии во албанскиот блок, а особено на владејачката партија. Со тоа се отвора простор за нова политичка понуда, за алтернатива што нема да биде само етничка, туку ќе фокусира и на егзистенцијалните проблеми на граѓаните“.
Сепак, Тахири предупредува дека е илузија да се мисли дека една партија може да се потпира само на еден човек. „За да функционира партијата, потребни е широка инфраструктура. Моментно, пак, новата партија единствено се поврзува со харизмата и со политичкиот профил на Османи“, вели Тахири.
Упатените во околностите во албанскиот политички камп сметаат дека ставовите на Османи за клучни прашања, неговото минато и релациите со актуелните политички фактори ќе имаат посебно влијание на позиционирањето на новата партија и на нејзините релации со другите партии и од двата блока. Во изминатиот период Османи се залагаше за бинационална држава и за нетериторијална федерализација - со поголема локална автономија и адекватна распределба на јавните финансии. Неговите настапи го наметнаа впечатокот дека ги игнорира ДПА и Мендух Тачи, а се конфронтира со ДУИ и со Али Ахмети. Дека се' уште чувствува нетрпеливост кон лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, ама дека добро се разбира со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Еднаш тој го повика Ахмети да се пријави и да одговара за случајот „водство на ОНА“ и со тоа да го тестира македонскиот правосуден систем. Во друга пригода Османи објави дека има анимозитет кон Црвенковски, ама дека економски гледано, има допирни точки со премиерот, со кого, пак, политички многу се разликувале. |