ДПА открива раскол во ДУИ, Џеват Адеми вели местенка
ТЕТОВО - Нови откритија за раскол и криминал во ДУИ вчера на прес-конференција презентираше ДПА, објавувајќи снимен аудиоматеријал. Од партијата на Мендух Тачи тврдат дека пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, ги обвинил министрите од неговата партија дека земаат мито од 2.000 до 3.000 евра за вработување. Но, Џеват Адеми во телефонски разговор демантираше такво нешто и вели дека се работи за местенка или за монтажа која нема врска со реалноста.
„Атмосферата во партијата на Али Ахмети е дојдена до точка на вриење. Тоа го потврдува снимениот материјал каде што Џеват Адеми признава дека министрите на ДУИ рекетираат Албанци за вработување, а манифестира незадоволство што не е во состојба да го прави истото тоа. Дека ситуацијата во ДУИ е тензична зборуваат и навредите што ги упатува Џеват Адеми за мајката на Муса Џафери“, рече Луан Треси, шеф на кабинетот на лидерот на ДПА.
За снимениот материја, Џеват Адеми појасни рече дека се работи за стар материјал пред конгресот на ДУИ, кога зборувал дека не смеат министри да потклекнуваат на корупција и криминал.
„Овој снимен материјал веќе две години го има на ’Јутјуб‘ со сите мои предупредувања. Моето мислење било и останува дека власта не смее да се злоупотребува, да не се зема мито при вработувања што претставува криминал и да не се прават други негативности. Тоа што го зборувам е превентивен, предупредувачки говор упатен до членовите на Централното претседателство за да не станеме и ние како тие од ДПА, кои го рекетираа и малтретираа албанскиот народ. Тука нема ништо скандалозно и стојам зад секој кажан збор. Пцовката е монтирана и не е дел од автентичниот говор“, изјави Џеват Адеми.
Од ДПА најавија дека снимениот материјал ќе го достават до релевантни фактори во земјата и до меѓународни претставници акредитирани во Македонија. Но, и до јавниот обвинител за да спроведе истрага за „криминалот на министрите и блиските соработници на Али Ахмети“. (Г.Е.) |