ИНТЕРВЈУ
Верувам дека најдобрата книга ќе ја освои „Балканика“
Се радувам што Македонија ќе пречека толку исклучителна книжевна елита, вели Лилјана Дирјан
Невена Поповска
Од 3 до 6 октомври, Република Македонија ќе биде домаќин на членките на Фондацијата „Балканика“, која ја доделува наградата за најдобро прозно дело на Балканот. Издавачката куќа „Магор“ од Скопје е членка на оваа Фондација, од Србија во конкуренција е авторот Владислав Бајац со романот „Хамам Балканија"; од
Турција - Оља Бајдар, од Романија – Аура Кристи со „Северни елегии“ – поезија; од Грција - Такис Теодоропулос со романот "Левата Рака на Афродита" роман; од Бугарија – Алек Попов со романот "Црната Кутија"; од Албанија - Башким Шеху со "Ангелус Новус", а македонски претставник за годинава е книгата „Приватни светови“ од Лилјана Дирјан.
Вашата книга „Приватни светови“ е избрана за македонски претставник за наградата „Балканика“. Станува збор за реномиран избор за најдобро книжевно дело во 2008 на балканските простори. Што значи за Вас ова признание, како го доживувате и какво е Вашето мислење за наградите воопшто, со оглед на фактот дека сте добитник на неколку награди и признанија?
Кога седнувам да пишувам јас сум сама, најсама на светот. И не знам каде ќе ме донесе тоа мое патување низ текстот. Дали ќе втасам во веќе познат предел или ќе се насукам на непознато копно. Или можеби никаде нема да втасам, сама врз водата како давеник исфрлен од некоја удобна или каква-таква палуба (на која можеби ја нема музиката на оркестарот од „Титаник“, ама барем нешто како звук од мал транзистор), по кој ќе копнеам како за удопство. Така беше и со моите „Приватни светови“. Напросто, првин ги довикував како сирени моите светови, а потоа тие ме довикуваа и се вовлекуваа во мене, ме искажуваа и опишуваа. Кога книгата доби корици (крилја), таа полека ме напушташе, откривајќи свои патишта кои јас би сакала да ги нарекувам и неба, и земји, и води... Ни на крај памет не мислев дека ќе давам интервју во весник и ќе одговарам на вакви прашања. Ама, еве, радосна сум, ведра, исполнета. Зошто човек тоа да не го каже!? Да го сподели со другите. Ако оваа номинација за „Балканика“ некому му е попотребна отколку мене, тоа е на самата книга „Приватни светови“, за да ги довика читателите, да ја земат в раце, да ја читаат, листаат, засакаат, да ја п��онајдат или, зошто не, да ја остават заборавена некаде меѓу толкуте други книги. Јас сум нешто како гајтан што ги поврзува тие два света: светот на овие страници и светот на читателите. И толку. Во една атмосфера на зголемена и опасна рамнодушност, за која не треба посебно да се пишува, секое книжевно признание е драгоцено за авторот и за неговата книга, и му помага да излезе од својата самотија и да се стави себеси изложен пред другиот. Во некои ретки случаи, може да биде дури и засакан.
Досега главно пишувавте поезија. „Приватни светови“ е книга која жанровски е малку необична. Ту е прозна автобиографска приказна, ту поетска проза, ту поезија. Како настана ова Ваше дело?
Си пишував така едно десетина години низ разни тетратки и ливчиња и најмногу од тие работи се загубија, како што и јас бев некако загубена за позијата, занимавајќи се со баналностите на основната егзистенција. И мислејќи дека, сепак, еден ден стресот ќе си замине и една друга ведра и одморена Лилјана, наместо мене, еден ден ќе седне некаде сама и невознемирувана нема да прави ништо друго, освен што ќе пишува сеќавајќи се. И навистина така се случи. Потонаа некои лаѓи, си заминаа некои луѓе од мојот живот, останав без работа и така натаму. И ланското лето, во сета онаа жештина, сред сите оние пожари, на 40 Целзиусови, седнав во колата, натоварена со стари платнени фустани, неколку книги, сапун и лаптопот на мажот ми Богомил (полн со световите на Шекспир), попат купив дињи и лубеници во Росоман, и втасав со препорака на пријателот, писателот Трајче Крстевски, во манастирот „Св. Ѓорѓи- Присад“ кај Прилеп. И таму во таа питома дивина, без луѓе (освен една женичка со витлери, еден домаќин, две бели кучиња, дваесет кокошки, три мачки), откако направив едно речиси ритуално големо чистење (на собата со железни кревети), започнав да ги пишувам, опишувам, бришам и допишувам моиве „Приватни светови“. Како на екран, дење-ноќе ми се појавуваа и некои најлични слики, моите тогаш млади и убави мајка и татко, мојата баба, па другата баба, дури можев да ја видам и распознаам и плетката од завесите на тетка ми... И тоа беше тоа патување-пловење-лебдење-давење-фаќање за сламка. Се појавија и моите сакани писатели, нивните зборови, нивните вистини кои некогаш, а и сега, ми беа и ми се некој мој, сосема мој, приватен „оче наш“,.. напросто ми се случи преобразбата. И таму можев (и го ставив) својот шатор, како најсама номатка, под кој можев да пишувам за да опстанам. И знаев дека поезијата е насекаде. И дека никогаш не ме напуштила.
Што е за Вас песната?
Песната е спасоносен хаос. Но, и сосема спротивното: песната е мигновена потпора против хаосот. Таа не се измислува ниту се украсува со фантазија. Таа е или не е. Долетува, одлетува.
Можете ли да ја означите границата помеѓу автобиографското и фикциското во „Приватни светови“?
И можам и не можам. Најчесто писателите велат дека нивното дело нема врска со нив, а некои (особено прозаистите) прават остра линија меѓу ликовите и авторот. Но, јас мислам дека тоа е невозможно, зашто секој писател секогаш пишува книга за себе, па потоа тоа е слика на авторот, ваков или онаков. Но, некои работи во книгата се едноставно понесени, долго молчени, притискани, извлечени од стварноста, од соништата, од сеќавањата. Сега се чувствувам многу подобро и најпосле како да ми паднал еден тежок камен од плеќите. Кажав и напишав, мислев и чувствував и самото тоа е веќе една голема работа.
Одлична е констатацијата на жири-комисијата, која во образложението на одлуката за избор на македонски преставник за наградата „Балканика“ заклучи дека „Приватни светови“ е книга на изградена авторка која фасцинира. Продолжувате ли со работа и на што работите во моментов?
Се надевам дека мојата книга го има тоа зрачење, кое јас, инаку, како страстен читател, го барам во туѓите книги. Зборовите можат да испишат роман, да раскажат нечиј живот, да спасат или да убијат некого, да даруваат... Со зборовите можеш да одиш од измислениот до вистинскиот пекол. Да втасаш до спасоносниот хаос. Онаа една секундичка која е невозможно да се протолкува, тоа нешто што е токму сега и токму овде, овој миг се случува пред нас, во нас и се обликува во жива имагинација, со божје присуство. Ете, поради таа една таква секундичка радост продолжувам да се пишувам и испишувам, раскажувам и пресоздавам.. За среќа, тука ми е поезијата, но не како азил. Туку како нешто што отсекогаш ми било вистински простор на слободата, толку повредна од тривијалноста со која секојдневно сме бомбардирани (бучава, жолтило од весници, главни ѕвезди - неидентификувани идентитети, „Бојановци“ со глутници кутри и празни обожаватели, педофили во секои вести, ух...).Во име на таа слобода вреди да се издржи. Зашто и кога ќе престанеш да пишуваш (јас, ти, ние...), пак ти преостанува пишувањето, тие чудесни флуиди, таа алхемија, спасоносната жедба, допирот до тајниот живот на Другиот. И тоа не може никој да ти го одземе.
Што со читателите?
Тоа е она што ни недостасува. Толку многу недостасува. Како да сме ги загубиле некаде попат. Се загубија во бучавата на ноќните талкања по зачадени клубови, каде не се слушаат, сами со чашите, пред екраните со долги исцрпувачки компјутерски игри, се загубија во празнотијата, сред невработени родители, исто толку празни, речиси недопрени од овој вид уживање. Да седнеш на маса и да читаш бескрајно убава книга... Генерациите пребргу раснат и како да се иселуваат во некои сосема други потреби. Како да ги вратиме (ако воопшто и биле некогаш овде)? Ако е точно дека времето не поминува туку кружи, и тоа би било можно. Еве, наивно сакам да верувам...
Од 3-6 октомври, во Скопје ќе допатуваат другите номинирани автори со своите книги, нивните издавачи, како и членовите на меѓународното жири, од Турција, Србија, Бугарија, Романија, Албанија. Дали сте подготвени?
Да, организаторот на овој вистински културен настан, реномираната издавачка куќа „Магор“, забрзано ги довршува сите подготовки. Мојата книга е веќе преведена на англиски од Метју и Марија Џонс, и веќе знам дека преводот е одлично направен. Се радувам што Скопје и Македонија како домаќини ќе можат да пречекаат толку исклучителна книжевна елита. А кој ќе ја освои „Балканика“, тоа нека биде изненадување за сите! Сакам да верувам дека тоа ќе биде најдобрата книга. И нека и е со среќа. Нека полета на силни крилја и нека втаса далеку. Како Пегазот што ја симболизира. |