Изложби на „Бела ноќ“ во МКЦ и во „Мала станица“
„Венеција виа МКЦ“ е насловот на изложбата што вечерва на полноќ, во рамките на манифестацијата „Бела ноќ“, ќе биде отворена во Младинскиот културен центар во Скопје. Изложбата го поврзува времето на искричавите почетоци на Центарот, кој посочува со голема интуиција кон идните столбови на македонската ликовна уметност, времето на нивното стапување на светската сцена во Венеција и времето на нивниот статус на македонска ликовна авангарда: нивната денешна зрелост како парадигма за новите генерации. Куратор на проектот е Соња Абаџиева, а го сочинува дел од актуелното творештво на уметниците: Томе Аџиевски, Жанета Вангели, Искра Димитрова, Ѓорѓе Јовановиќ, Антони Мазневски, Благоја Маневски, Петре Николоски, Анета Светиева, Глигор Стефанов, Никола Узуновски, Вана Урошевиќ и Јован Шумковски.
Во Националната галерија на Македонија - Мултимедијален центар „Мала станица“ како дел од програмата на манифестацијата организирана од Град Скопје, ќе може да се погледне и изложбата на босанската уметничка група „Каммен“, на која се претставуваат дела на авторите Каиниќ Анто, Мариќ Мирко и Нуанкадиќ Един. Тие извршиле огромно влијание на современата босанска уметност во 1980-тите години на минатиот век, а денес важат за автори со силен уметнички идентитет. Изложбата се состои од кутии, слики и фотографии, создадени од 1996 година до 2006 година, и е во продукција на фестивалот „Саревска зима“. (К.Б.) |