Број 3491  четврток, 27 јануари 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter
Македонија

Лозарите од Тиквешко влегоа во нови долгови

Визбите се' уште не го платија грозјето од реколтата 2009 и 2010 година

Ангел Данов



КАВАДАРЦИ - Лозарите од Тиквешко ги подготвуваат лозовите насади за новата реколта, полни со горчина и гнев. Влегуваат во нови трошоци, а немаат земено пари за родот од 2009 и од 2010 година. Златко Стојчев од село Сопот е еден од илјадниците лозари во Тиквешко, кој мака мачи да наплати за предаденото грозје. Тој се пожали дека има за земање 25 илјади евра, пет илјади за родот од 2009, а 20 илјади за грозјето од ланската реколта.

„Имам 15 ха лозов насад на род и уште 10 ха што ќе бидат на род оваа година. Државата дава субвенции за нови насади, а грозјето ниту можеме да го продадеме ниту да го наплатиме. Ако не беа тие субвенции, немаше олку да заглавиме. Се' уште немам земено пари. Од Министерството ме советуваа прво да платам кирија, а дури потоа ќе ми исплателе субвенции. Од каде да платам кога имам за земање 25 илјади евра?“, изјави Стојчев за „Утрински весник“. Тој вели дека немало ништо ни од ветените два денара субвенции од Владата.

И ова не е единствената м��ка за овој тиквешки лозар. Тој вели дека секој ден доаѓаат за да му ја исклучат струјата. „Како регистриран земјоделец, морав да платам сметки за МТВ, оти ќе ми ја блокираат фирмата. Вистинска уметност е како да преживееме. Го бараме нашето, сработеното со пот, ама никој нема слух“.

Овие проблеми на Стојчев ги делат уште неколку илјади лозарски семејства што се во тешка ситуација поради неисплатеното грозје за две реколти. Најголем дел од лозарите ги добија ветените субвенции од државата, но се прашуваат што стана со помошта од дополнителни два денара по килограм грозје, ветени од вицепремиерот Пешевски додека протестираа лани во септември.

Поради хаосот што владееше со откупот на грозје и тактизирањата од визбите 15 милиони килограми винско грозје остана на нивите, а уште десетина милиони килограми скапаа поради задоцнета берба. Тиквешијата минатата година го запишаа најкатастрофалниот гроздобер во историјата.

Големи количини грозје лозарите оставија и во сопствените подруми за варење на ракија. Годинава, по слободни процени на стручњаците, во Тиквешијата се свари можеби најмногу ракија. Лозарите беа принудени на таков чекор, бидејќи немаше каде да го продадат грозјето. Голем дел од водечките винарници ги затворија вратите за откуп на винско грозје.

„На Пешевски му предадовме два топа хартија на која беа фотокопирани илјадници откупни белешки од лозарите како доказ дека визбите не го испочитуваа договореното и наместо по 8 и 10 денари, грозјето го откупуваа по 5 и 6 денари. Предложиме Владата да не им дава субвенции на домашните винарници, туку да ги пренасочи за странските винарници што би откупувале грозје. Со тоа ќе се создаде огромна конкуренција, а визбите ќе научат дека суровината за вино мора да ја платат“, рече во емисијата „ТВ-објектив“ на локалната КТВ, градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.

Кој ги продаде визбите? Кој е крив за катастрофата во лозарството? Зошто сме запнале за лозарството кога некогаш тука се одгледувало и памук и афион? Зошто власта не санкционира за непочитување на законите од страна на визбите? Овие провокативни прашања беа поставени на последната седница на кавадаречкиот Совет. Советниците бараа виновник за состојбите во лозарството, но тоа го направија со голема доза на политика. Прашањата за крахот на оваа бранша останаа без одговор. А на дневен ред беше програмата за одбележување на празникот на лозарите, Свети Трифун.

Поранешниот лидер на лозарите и актуелен независен советник, Борис Давидов, рече дека на лозарите не им е дојдено до славење, па потсети на проблемите со кои се соочуваат. Давидов предложи во пресрет на празникот кога се закројува виновата лоза да се одржи трибина со тема лозарство. Градоначалникот го прифати ваквиот предлог и рече дека стои на располагање да обезбеди и претставници на власта.

Катастрофалната состојба во лозарството принуди многу лозари да ги ископачат лозјата. Тие незадоволно велат дека погубната политика на државата и игнорантскиот однос на визбите доведоа до уништување на вековната традиција за одгледување винова лоза. Засега лозарите не гледаат алтернативно решение. Не знаат која земјоделска култура е исплатливо да ја одгледуваат. Велат дека порано им се сугерирало кои сорти да ги посадат, а сега нема каде да го продадат родот.

„Сега велат да садиме асталски сорти, а забораваат дека виновата лоза не е едногодишна култура и дека подигањето лозов насад чини многу пари“, коментираат револтираните лозари. Доведена е во прашање егзистенцијата на илјадници македонски семејства, кои со години живеат од производството на грозје, но и иднината на цел регион.

Повеќе стручни лица од областа на земјоделството со кои контактиравме велат дека не е исклучено и бербата на грозје 2011 да помине со истите проблеми како и претходните години. Тие предлагаат здружението на лозарите „Агротиквешија“ наместо да се занимава со политика, да почне да се бори за лозарите.


#
Статијата е прочитана 513 пати.

Испрати коментар

Од: забеган.
Датум: 27.01.2011 13:05:28
Мој предлог е да си немат ни за лебче.Ко се прости.Ај пред винарските визби и барајте КОМПЕНЗАЦИЈА килограм грозје литар вино.Или милом или силом.Нели некој рекол,,,,,,,,Додека плаче мојата мајка нека плаче твојата.
Од: Ванчо
Датум: 27.01.2011 21:53:46
Егзистенцијалните проблеми лозарите и нивните здруженија треба да ги решаваат во овој период на годината. Откупните цени, субвенциите и начинот на откуп не може да се решаваат во време на берба на лозјето, затоа што тогаш е краток временски период и лозарите се повеќе преокупирани со тоа како да го оберат лозјето и на кого да му го предадат, за да не остане необрано.

Најди! во Утрински
Македонија
Горки маки за лекување
Починала пред породување
Прилепската болница ќе стане локална установа?
Мерачи на бучава во Охрид
Последен ден за дворовите