Наскоро авиолинија Скопје - Подгорица
Подгорица - Македонија и Црна Гора имаат многу добра соработка што може да биде пример и за другите во регионот. Двете земји ќе ги унапредуваат односите во сите области, а особено во економијата и патното поврзување. Тоа вчера во Подгорица го истакнаа премиерите на Македонија и на Црна Гора, Никола Груевски и Мило Ѓукановиќ.
Покрај постојните седум договори, владите на Македонија и на Црна Гора потпишаа уште пет спогодби од областа на туризмот, соработка во евроатлантските интеграции, во земјоделството, заштитата од природни и цивилизациски катастрофи и за соработка во областа на воздушниот сообраќај. Наскоро се очекува и отворање авиолинија Скопје - Подгорица.
Црногорскиот премиер Ѓукановиќ на заедничката прес-конференција нагласи дека ја цени поддршката од Македонија за евроатлантските интеграции на Црна Гора и дека на тој пат ќе разменува искуства со Македонија која е понапред во процесот. Ѓукановиќ истакна дека став на Црна Гора е оти секоја земја во регионот треба да стане членка на НАТО. Посебно, како што рече, за него е значајно што Црна Гора пристапи во Јадранската повелба во време кога Македонија претседаваше со таа иницијатива.
Премиерот Груевски, исто така, е задоволен од односите со Црна Гора. „Двете држави во иднина ги гледам како идни членки на НАТО и на Европската унија, што е во интерес на целиот регион за неговата стабилност и развој“, рече Груевски. Двајцата премиери се согласиле и за поинтензивна економска соработка и заеднички настап на трети пазари. Предуслов за унапредување на билатералните односи на Македонија и Црна Гора е поквалитетно патно поврзување, а на тој план, според двајцата премиери, потребно е и вклучување на соседите Албанија и Косово. Македонскиот премиер соопшти дека на крајот на 2009 и почетокот на 2010 ќе почне изградба на Коридорот 8 за патна комуникација и дека ќе се гради автопат до македонско-косовската граница. (МИА) |