Продолжување на рокот за Грција
Вашингтон – „Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) е подготвен да и' даде уште време на Грција да го врати заемот од оваа финансиска институција ако го направи тоа и Европската унија, која обезбеди поголем дел од заедничката помош за таа држава, вредна 110 милијарди евра“, изјави извршниот директор на ММФ, Доминик Штрос-Кан. „Грчките официјални претставници го работат тоа што е потребно за да ги остварат целите што се поставени како услов за финансиската помош на ММФ и ЕУ, а дали на таа земја ќе и' биде потребно продолжување на рокот зависи од состојбата со глобалната економија“, рече Штрос-Кан. „Доколку Европејците одлучат нешто да преземат, сигурно исто ќе постапиме“, посочи Штрос-Кан и додаде дека ММФ може тоа и сам да го направи, но оти неговиот удел е мал дел од помошта. ММФ предвидува дека потребата на Грција за кредити до 2014 година ќе се зголеми за една третина. (МИА) |