Од македонскиот ориз, само третина за Македонците
Кај нас малку се јаде ориз – по два килограма на годишно ниво
Иван Бојаџиски
КОЧАНИ - Во Македонија годишно се трошат околу 4.500 тони ориз. На домашниот пазар се пласира само една третина од домашното производство, другото се извозува, главно, во Србија, а помал дел во Косово.
Жетвата на ориз во Кочанската Котлина почна викендов. На Ирена Постолова, годинашнава убавица на оризот, и' припадна честа да го изведе првиот откос на традиционален начин, со срп. Церемонијата на која присуствуваа и министерот за земјоделство, Љупчо Димов, и кочанскиот градоначалник Ратко Димитровски се одржа на нивите во атарот на селото Грдовци.
Оризот во Македонија се одгледува во источниот дел. Ако на времето под ориз во Кочанско, Виничко и во Штипско имало и над 8.000 хектари ориз, годинава белото злато ќе се жнее на само 3.700 хектари. Стручњаците очекуваат род од 24.000 тони оризова арпа, односно 12.000 тони бел ориз. Според сегашните најави, арпата ќе се откупува по 18 денари, а белиот ориз по 36 денари за килограм. Бидејќи и лани производителите на ориз се жалеа на неконтролираниот увоз, министерот Димовски од престолнината на оваа житна култура најави ригорозни мерки за увозниците.
„Секој трговец за еден килограм увезен ориз ќе мора да откупи четири килограми од домашното производство“, ги успокојуваше министерот Димовски кочанските оризопроизводители.
Борче Јованов, сопственик на фабрика за преработка на оризова арпа во селото Чешиново, вели дека мора да се заштити домашното производство.
Факт е дека граѓаните кај нас малку јадат ориз – по два килограма на годишно ниво. И поради тој факт нашето национално бело злато мора да си го бара патот до странските пазари. Јованов потенцира дека минатата година добро поминале со пласманот на оризот и се надева дека и оваа година нема да има проблеми од таква природа.
Во намера и со идеја својот култен производ повеќе да го доближи до купувачите, Општина Кочани и годинава ја реализира манифестацијата „Денови на оризот“. „Со многу содржини во кои главен елемент е оризот, правиме обид нашиот стратегиски земјоделски производ да го доближиме до поголем број купувачи од земјата и од странство. Фактот дека годинава имавме многу гости од Хрватска, Србија, Турција и од нашата држава говори дека интересот за манифестацијата, а преку неа и за оризот е во нагорна линија“, вели кочанскиот градоначалник Ратко Димитровски.
Инаку, жетвата на оризот се очекува да заврши до средината на идниот месец, но под услов временските прилики да го дозволат тоа. |