Шефот на „Дојче телеком“ ќе одговара за корупција во Македонија
Истрагата за малверзации голема штета за компанијата
Александрија Стевковска
Рене Оберман, извршен директор во „Дојче телеком“ и седуммина други менаџери, во 2005 година ја условувале исплатата на дивидендата во „Македонски телеком“ со тоа што овдешниот пазар би останал затворен за останатите телекомуникациски оператори.
Ова е едно од обвинувањата содржани во истрагата што ја започна обвинителството во Бон против Рене Оберман и седуммина други менаџери, од кои дел биле вработени во компанијата. Нив им се припишува подмитување државни службеници во разграноците во Централна и во Источна Европа, посебно во Македонија и во Црна Гора.
„Во 2005 година извршниот директор на ’Дојче телеком‘, Рене Оберман, се заканил дека ќе дозволи да се подели дивиденда во ’Македонски телеком‘ само ако Македонија остане затворена за останатите телекомуникациски оператори. Токму кон ова е насочена истрагата на обвинителството во Бон, Германија“, пишува Интернет-порталот „Бизнис вик“. Аферата е тешка седум милиони евра и е дел од корупцискиот скандал во „Телеком“ тежок 24 милиони евра. За ова проневера, МВР веќе со потерница го бара поранешниот прв човек на „Мактел“, Атила Сендреј, и уште четворица негови странски колеги, поранешни директори во „Мактел“, кои се обвинети дека низ повеќе од 20 договори за консултантски услуги од 2000 до 2006 година ги испрале парите.
Во соопштението од „Дојче телеком“ Рене Оберман ги отфрла решително обвинувањата. Концернот соопштува дека е против корупција во кој било свој дел во светот и подвлекува дека соработува со американските власти веќе четири години. Оберман, лично, на крајот на 2009 година бил во улога на сведок во рамките на американската истрага, која се води со години и е насочена кон разјаснување на постапките на „Телеком“ во Источна Европа, но во ниту еден стадиум на таа истрага не било поднесено обвинување против него лично, се вели во соопштението на концернот.
Од „Македонски телеком“ не сакаа да коментираат во врска со истрагата, упатувајќи не' на „Дојче телеком“ за подетални информации.
Бонското обвинителство ја потврди истрагата, но без детали. „Истрагата е насочена против одговорни лица во ’Дојче телеком‘ во Бон. За актуелната состојба на истрагата сега не можам да кажам ништо за да не ја загрозам истрагата што е во тек. Обвинителството во Бон врз основа на американското барање за правна помош моментално проверува дали постои сомневање за поткуп, дали таквото сомневање има основа или не. Во рамките на претресот што е направен во работните простории на ’Дојче телеком‘, запленети се документи што сега се предмет на анализа од наша страна“, изјави Јан Ван Росум од обвинителството во Бон.
Околу случаи на наводен поткуп во Македонија и во Црна Гора, Ван Росум одговара: „Не би сакал за тоа да давам сопствено објаснување во интерес на истрагата, но, исто така, и не би ја демантирал оваа информација на ’Дојче телеком‘“.
Обвинителството во Бон, како што вели Ван Росум, се концентрира на анализа на запленетите документи, што како што нагласува, е многу напорно, зашто мора да се истражи заднината на случајот, за потоа, врз основа на актите, да се оцени дали има основа за конкретизирање на сомневањата.
Весникот „Зидојче цајтунг“ прецизира дека Оберман е единствениот топ-менаџер кој во актите на обвинителството во Бон фигурира како обвинет. Кај другите осомничени од редовите на Телеком станува збор за менаџери и соработници кои во „Дојче телеком“ се задолжени за странски друштва и инвестиции во странство.
Случајот, кој, исто така, се истражува и од властите во САД, ги засега компаниите на „Дојче телеком“ во Унгарија и во Македонија. Во Македонија
лицата што се предмет на истрагата пред пет години трошеле милиони евра за мито или помагале во подмитување на државни службеници за задржување на монополската позиција, додека во Унгарија се подмитувани државни службеници во време кога се носела извесна законска регулатива на пазарот на телекомуникации и кога се доделувале лиценци за мобилни оператори.
Оваа афера пред речиси еден месец ја обелодени „Економист“. Според неговите пишувања, последните две години годишните и кварталните извештаи на „Маѓар телеком“ содржеле само кратки објаснувања за истрагата на компанијата за несогласувања во нејзиното сметководство во периодот меѓу 2000 и 2005 година.
|