Наука
Во трага на брчките
Сара Викстрем и нејзиниот тим млади научници се обидуваат да откријат како настанува и како се одржува структурата на кожата
Кога луѓето стареат, нормално е да добиваат брчки. И ракот на кожата е почест кај постарите лица. Но, зошто е тоа така? Млада лекарка од Финска се обидува во Келн да пронајде одговор на тоа прашање.
Сара Викстрем не работи за некој козметички концерн, туку раководи со група млади научници на институтот Макс Планк за биологија на стареењето во Келн. Таа и нејзиниот тим се обидуваат да откријат како настанува и како се одржува структурата на кожата. Тоа е многу важно, вели, бидејќи повеќето кожни заболувања настануваат поради пречки во таа структура: „Јасно е дека структурата е механизам што ја штити кожата од болести, на пример, од рак. Затоа се обидуваме да проникнеме во начинот на нејзиното настанување и во процесите што го следат процесот на стареењето. Во староста се зголемува опасноста од рак на кожата, а и раните побавно зараснуваат“.
Сара Викстрем со својот тим истражува на каков начин протеинските клетки изработуваат околу себе мрежа која се развива во ткиво. Второ прашање е што се случува кога работите ќе тргнат во погрешна насока и, трето, како клетките во староста реагираат на губењето еластичност.
„За луѓето што не знаат ништо за клетките, тоа веројатно не е многу возбудлива тема, но пове��ето од луѓето го игнорираат фактот дека е апсолутно нужно да се разберат сите процеси што влијаат на тоа, со цел да се произведат навистина делотворни лекови. Оној што сака да разбере како функционираат кожните болести, мора да разбере и како реагираат кожните клетки“.
Колегите на Сара Викстрем веќе откриле дека протеинската мрежа околу клетките има многу важна улога. Целата околина на клетката може да придонесе во спречувањето на развојот на туморот. Тоа е аспект на кој се концентрирале истражувањата на финската лекарка. Фармацевтските фирми досега за нив не покажале интерес.
Целосна преокупациJа со науката
Сара Викстрем, раководител на тимот за истражување на стареењето на институтот Макс Планк, е млада жена - има само 35 години. „Меѓу студентите е се' уште еднаков бројот на мажите и жените, но веќе меѓу научниците кои по докторaтот работат на некој институт има многу помалку жени. На ниво на раководители на проекти - како што сум јас - има уште само 15 отсто жени, а меѓу професорите ги има уште помалку. Морате да вложите многу време во научната работа, а тоа е тешко да се вклопи во семејниот живот. Во Германија, според мое мислење, премногу жени се откажуваат од научната кариера во полза на семејството“.
НаJважна цел - наJефикасните методи против стареењето
Младата научничка не сака да стане стручњак за кожа, но сака да остане истражувач, иако како лекарка во практиката би можела да заработува двојно повеќе отколку сега, а и барањата со кои истражувачите се соочуваат се поголеми. „Секако дека сакам да бидам поуспешна, научниците секогаш се мерат според успехот и тој успех влијае и на можностите кои пред нив ќе се отворат. Сега не би можела да кажам: задоволна сум со постигнатото. Како научник, секогаш морам да одам понатаму“.
Нејзина цел е да ги совлада најефикасните методи на лекување на болестите што се во врска со стареењето, но не верува дека науката може да ни гарантира живот без болести засекогаш. (Дојче веле) |