Европа - Балкан
Кој се срами од антифашизмот
Иван Торов
Неодамна досега најострото дистанцирање на Стјепан Месиќ од Анте Павелиќ, НДХ и од усташките злосторства најмногу ги загрижи хрватските и српските националисти
БЕЛГРАД - Хрватска, а и српската јавност се многу (не)пријатно изненадени со еден неодамнешен настап на претседателот на Хрватска, Стјепан Месиќ. Во својот говор по повод годишнината од пробивот на заробениците од концентрациониот логор во Јасеновац, кон крајот на април, се слушна, според општа оценка, од прогласувањето на хрватската независност во 1991 година, секако, најострата осуда на усташката државна творба на Анте Павелиќ и масовното злосторство над Србите, Евреите и Ромите. Острината на дистанцирањето на Месиќ од фашистичката и нацистичката природа на Независната држава Хрватска имаше неодолив призвук на оградување и од своевремено Туѓмановото, помалку или повеќе, отворено кокетирање со екстремниот хрватски национализам и неговите настојувања да се докаже дека Република Хрватска, всушност, природно се создала врз темелите на марионетската држава на Павелиќ.
Би можело, секако, забележителната емотивност на Месиќ, покрај останатото, да се припише, како што и самиот рече, на најновото обновување на дивеењето на оние кои не можеа да се помират со историските факти, а и навредите кон него и членовите на неговото семејство. Суштинска причина, меѓутоа, е во променетите околности. Хрватска веќе е членка на НАТО, на прагот е и на полноправно членство во ЕУ, па уште повеќе не може да биде сеедно каков впечаток ќе остави нејзината политичка елита во меѓународните кругови: како држава која, покрај се', тешко се ослободува од историското националистичко наследство или, пак, како модерно општество кое нема никаква дилема околу толкувањето и интерпретацијата на историските факти. Во тој контекст, симптоматично е со слични, всушност, нешто помеки тонови, на ист собир во Јасеновац, се огласи и хрватскиот премиер Иво Санадер.
Хрватските националисти, судејќи според се', најмногу ги налути делот од говорот на Месиќ на кој остро се спротивстави на обидите за ревидирање на антифашистичкото движење на територијата на поранешна Југославија. "Мојот антифашизам, вели хрватскиот претседател, се формираше врз основа на фактот дека сум бил сведок на холокаустот. Тито во целиот свет го паметат како голем водач, па иако многу сериозни работи може да му се стават на товар, не може да се каже дека антифашистичкото движење беше злосторничко, ниту дека Тито беше злосторник. Ниту во една држава водачот на движењето на отпорот не е прогласен за злосторник". Аналитичарите, всушност, во тој дел ја препознаваат критиката на Месиќ за прекопување на гробовите пред камерите, особено во Словенија, чии официјални претставници "ќе откријат" масовни гробници во Блајбург, за чие постоење се знаеше веќе од поодамна, и пред утврдувањето на историската вистина за соработката со усташите, домобраните и четниците на самиот крај од војната, да се користат за улогата на Тито и комунистите во антифашистичката борба да се дезавуира и обезвредни.
Говорот на Месиќ во Јасеновац во Србија беше доживеан двосмислено. Задоволство (главно, граѓански партии и невладиниот сектор) што шефот на соседната хрватска држава во самиот Јасеновац, место на масовни ликвидации на Срби, Евреи и Роми, сосема прецизно се одреди кон злосторствата на усташкиот режим на Павелиќ, сепак, е во сенка на обидите за негово релативизирање и минимизирање. Изговорите се разновидни: "Чист политички маркетинг на Месиќ", "Лесно му е нему така да зборува на крајот од својот мандат" и слично. Најнезадоволни се претставниците на српскиот национализам, на кои хрватското државно дистанцирање од хрватските злосторства им ја скратува или барем релативизира аргументацијата за континуиран став дека "сите Хрвати се усташи", односно "хрватскиот народ е геноциден". Надмоќноста на десничарските националистички партии на српската политичка сцена, а особено нивниот мошне нескриен антикомунизам, секако, се двата главни фактора кои, од една страна, поттикнуваат умножување и јакнење на националистичките и клерофашистичките движења, а од друга страна, наметнуваат впечаток дека, всушност, Србија се срами од сопствениот антифашизам. Имено, веќе неколку години наназад, а особено за време на владеењето на Воислав Коштуница, без посилен отпор трае процесот на таканаречено официјално рехабилитирање најпрво на четничкото движење на Дража Михајловиќ, потоа на марионетската окупаторска влада на Милан Недиќ, како и нацистичката идеологија на Димитрија Љотиќ. Дури деновиве, пред 9 Мај - Денот на Европа, односно победата над фашизмот, под притисок на јавноста од просториите на владата на Србија е отстранет портретот на генералот Недиќ.
Антифашистичкиот говор на Месиќ, за волја на вистината, дојде во најлош час за српските националисти. Во Србија, во последните неколку месеци, почната е голема кампања, која врз себе ја презеде републичката влада на демократите и социјалистите и обвинителството, за откривање на местото на стрелање и гробот на Дража Михајловиќ. Најголем поборник за рехабилитација на четничкото колаборационистичко движење, лидерот на Српското движење за обнова, Вук Драшковиќ, веќе најавува дека гробот на Дража, доколку биде пронајден, ќе биде центар за собирање на сите антикомунистички сили. Ревизијата на резултатите од Втората светска војна во Србија, според тоа, непречено се продолжува.
|