Истанбул и Банско - хит за пречек на Новата 2011
Поради високите цени и слабата понуда, домашните туристички центри неинтересни за новогодишните празници
Сања Наумовска
Истанбул и Банско се хит за пречек на Новата 2011 година. Аранжманите што ги нудат туристички агенции за овие две дестинации веќе се распродадени. Традиционално, романтичниот Париз е исто така еден од најпосакуваните градови за поминување на новогодишните празници. Се бараат и Прага и Будимпешта, но повеќе поевтините аранжмани за патување со автобус отколку оние со авион.
Интерес за домашните дестинации има многу малку, а најголемата причина за тоа туристичките работници ја гледаат во цените и слабата понуда. Долги години нашите туристички центри не инвестираат во нови побогати содржини, а цените речиси секоја година растат, коментираат тие., Македонските граѓани сакаат да ги врзат новогодишните празници со зимување, бидејќи на учениците им почнува зимскиот распуст. Поради тоа, најчесто најбарани се најблиските зимски скијачки центри во соседните држави. Во однос на цената, но и одличните услови што ги нуди Банско, го става меѓу најбараните дестинации. Интересот е голем и за Сандански, по што следна поатрактивна дестинација е Копаоник во Србија. Иако би требало да се најдостапни поради близината, нашите скијачки центри не им се на приоритената листа на граѓаните. Најмногу прашуваат за Маврово и Крушево, но наместо хотелски сместувања, повеќе се бара поевтино легло во приватните вили. Заинтересирани за зимување во Берово велат дека приватните викендички што се издаваат за новогодишните празници преку огласи на интернет и во весниците, веќе десетина дена се целосно пополнети.
„Веднаш се забележува кои дестинации ќе бидат хит на сезоната. За нив, интересирањето почнува два месеца пред новогодишните празници, а се распродаваат уште во почетокот на декември“, велат во туристичките агенции. Истанбул, Прага и Париз се најбарани во туристичката агенција „Нехар“. Цените се пристапни за сечиј џеб, велат оттаму, бидејќи иако станува збор за новогодишни тури, тие не се повисоки во споредба со останатиот дел од сезоната. Четири или пет дена во Истанбул чинат од 129 евра, а осум дена во Париз, со попатна посета на Салцбург и Минхен, до 300 евра. Пречек на Новата година во Прага чини од 159 евра. Барани се и аранжманите за зимските центри во Бугарија и Србија, а помалку за Маврово. „Нехар“ поседува свој хотел во најголемиот македонски ски-центар, но не го користи многу, бидејќи интересот на домашните туристи е многу мал.
Најбарани се аранжманите во најблиските ски-центри.
„Младите се заинтересирани да ја прослават Новата година, но и да искористат скијање, бидејќи им почнува распустот, па затоа најмногу прашуваат за најблиските ски-центри“, велат во „Парадизо Флај“. Грција, посебно Атина, Солун и поблиските градови, оваа сезона се целосно надвор од мода, па аранжманите се речиси празни. Традиционално, велат во туристичката агенција, омилена дестинација за Нова година е Париз, која се продава за 299 евра. За четиридневно зимување во Банско со дочек на Новата година треба да се одвојат 300 евра, а за три дена во Сандански со организирана новогодишна журка, 165 евра. Во Будимпешта, Новата 2011 може да се дочека за 139 евра.
За аранжманите во Бугарија и во Турција има уште многу малку место, велат во туристичката агенција „Атлас“. Пречек на Нова Година со две ноќевања во Истанбул чини само 114 евра, а полупансион во Банско се продава за 70 евра за еден ден, информираат во агенцијата. |