Мислења
Реконструкција на Владата или...
Слободан Најдовски
Полето на маневрирање на премиерот се намали - што ќе избере - реконструкција на кабинетот или кадровска реконструкција на партијата
Со неприфаќањето на одлуката за распуштање на Собранието и распишување предвремени избори, останува отворено прашањето што ќе превземе премиерот и владејачката партија да ја повратат „активната“ политичка улога која ја имаа досега, а која очигледно, полека но сигурно, ја губат. За поранешните претседатели на влади во Македонија беше својствено - кога ќе се најдат во незавидна ситуација да прибегнуваат кон реконструкција на владиниот кабинет. Со таквиот пристап настојуваа да испратат порака до јавноста дека со менувањето на министрите ќе се менува и политиката која била изложена на критики и не давала позитивни резултати. Иако тоа, по обичај, е фарса, сепак, понекогаш се покажувало како добар потег за намалување на незадоволството и негативниот набој кај електоратот и за одоложување на времето за губење на владејачките позиции.
Меѓутоа, и во поглед на реконструкциите на својот кабинетски состав, премиерот Груевски се разликува од своите претходници. Тој во својот веќе петгодишен мандат како прв министер, не изврши ни една владина реконструкција во вистинска смисла на зборот. На владините фотелји резервирани за министрите, поминале триесетина функционери, а постојано место има за неколкумина најблиски соработници на премиерот. Но, и покрај големите промени на министерскиот состав, Груевски остана доследен на својата политика дека не прави реконструкции. Измените ги премостува или со вонредни избори, како во 2008, или со лични оставки на министрите. Министрите заминуваат најчесто со изнудено образложение од наводна лична природа, а исклучок од вообичаеното клише беше само промената на министерот за финансии, Трајко Славевски. Со неформалните реконструкции или оставки на министрите, кои не предизвикуваа големо интересирање во јавноста, Груевски во минатото оставаше впечаток дека неговиот кабинет функционира стабилно и беспрекорно.
Се поставува прашањето дали и во сегашната ситуација Груевски може да постапи исто, и дали со овој состав на кабинетот може да ги дочека следните избори, без разлика дали тие ќе бидат редовни во 2012 или догодина наесен. Очигледно, тоа тешко ќе може да го направи од неколку причини.
Никогаш досега владиниот кабинет и политиката на владата, но и на првите ешалони до нив, не биле растресени како што се сега. Се' повеќе се чувствува несигурност и безидејност. Полека, но сигурно, се руши градениот имиџ на чесност на оваа влада. За тоа сведочат неколкуте последни случувања.
Во дваесетгодишната практика на независност на државата, ниеден министер или друг државен функционер, не бил изложен на поаргументирана интерпелација, поткрепена со документи, од последната која се однесуваше на министерката за култура. Не дека нема министри кои се огрешиле и повеќе од неа, но ретко кој оставил таква трага. Токму затоа, по „каса-прими без дата и број“, досега нема изјава од премиерот која би одела во заштита на министерката. Премиерот е економист и знае како се примаат и како се исплаќаат пари од каса, посебно кога е во прашање државна институција - и затоа молчи. Прашање е на ден кога некоја од надлежните државни институции ќе треба да се произнесе за исправноста на тие документи.
Премиерот е во непријатна ситуација и од најавените притисоци за испитувања на имотната состојба и поседувањето фирми на многумина од неговото опкружување. Дали се насетуваат и првите жртви за да не се чепкаат најдоверливите. На ниеден премиер во македонската историја не му се случило болните во болница да останат без храна.Покрај споменатите уште многу други неповолности на внатрешен и надворешен план го притискаат владиниот кабинет.
Познато е дека премиерот излезот од вакви ситуации често пати го бараше со нагласеност и одржување тензии, со преземање таканаречени реформски мерки кои предизвикуваа интересирање кај македонската јавност и се подзабораваа негативностите. Но, сега и тоа не пали. Самиот се увери дека маркетиншките манипулации се со краток здив. Така, на секој му беше јасно дека е лесно да се рекламира рамен данок и наводно намалување на даноците, но по согледувањата дека државната каса не се полни според очекувањата, Владата се одлучи на воведување нови давачки и ја прошири основицата за оданочување. Истата судбина ја доживеаја и најавените рефо��ми во сферата на социјалните придонеси кои ги плаќаат стопанските субјекти. Владата се откажа од секојдневно рекламираните намалувања на стапките за пензиско и здравствено осигурување.
Значи и обидот со фиктивни реформи нема да даде резултат. Во година пред избори може да се очекуваат само популистички мерки, а не вистински реформи или, пак, ќе се донесуваат реформски закони, но со одложено стапување во сила, по наредните парламентарни избори. Очигледно е дека продолжува надолната линија на власта и се затвора кругот.Внатрешните судири во партијата се повеќе ќе доаѓаат до израз и ќе јакнат тензиите и подметнувањата помеѓу партиските колеги за тоа кој повеќе се офајдил од власта.Тоа се случува и во врвот но и во општинските раководства.
Јавноста беше навикната да очекува проактивност на премиерот со секоја изјава или промоција на некој проект. За претседателот на македонската влада досега не беше својствено да зазема само одбранбен гард. Но, очигледно дека полето на маневрирање му се намали. Затоа и се поставува прашањето - што ќе избере премиерот - реконструкција на кабинетот или кадровска реконструкција на партијата или, пак, нешто сосема трето. Обидите со говор како оној кај женската партиска елита, нема да дадат резултат. Тие само уште посилно ја покажуваат безидејноста на владејачката партија и нејзиното свртување кон негативна кампања.
Вообичаено, на овие простори, годината пред избори е изгубено време, исполнето со меѓупартиски препукувања и надмудрувања. Постои малку надеж тоа да се ублажи доколку со измени на владиниот состав се внесат нови идеи и мотивирани луѓе да сработат нешто повеќе за државата отколку за себе. Во спротивно следува мачен период, освен ако не се реализира најавата на министерот за надворешни работи за договореното решавање на спорот за името во наредните шест месци.
(Авторот е поранешен пратеник) |