Интервју
Политиката на секоја држава треба да биде балансирана
В.д. амбасадорот на Русија, Евгениј Егоров
Ако техничко-економските пресметки се позитивни, до пролет може да се потпише спогодба за „Јужен поток“
Тамара Грнчароска
Како ја оценувате сегашната соработка меѓу Македонија и Русија?
Успеавме да достигнеме доста високо ниво на соработка со македонските партнери. Годинава се одржаа две средби на претседателите на Русија и на Македонија. Во текот на работната посета на претседателот на Македонија,Ѓорге Иванов на Русија, во јуни оваа година, тој учествуваше на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, каде што претставници на министерствата за финансии од двете држави го потпишаа важниот договор за регулирање на клириншкиот долг. Активно се развива и меѓупарламентарниот дијалог.
За отворениот карактер на билатерално-политичкиот дијалог придонесува отсуството на нерешени проблеми во нашите односи. Користејќи ја оваа можност, сакам уште еднаш да истакнам дека ја сметаме Македонија за важен и сигурен партнер на Балканот. Посебно би сакал да ја одбележам плодната соработка меѓу министерствата за надворешни работи, нашето заедничко дејствување во ОН и другите меѓународни организации. Руската страна е подготвена за натамошно интензивирање на контактите.
Кое поле има најголеми можности за развој?
Сметам дека не треба да издвојуваме некое посебно поле. Треба балансирано да ја развиваме соработката во сите насоки. Вистина е дека досега ни успеа да тргнеме напред во некои области. Сакам да повторам дека тоа најмногу се однесува на руско-македонскиот политички дијалог. Меѓутоа, брзо се зголемува и соработката во трговско-економската област.
Економските односи за време на старите системи во двете држави беа на завидно ниво, за во текот на 1990-тите години таа да го достигнат дното. Како стојат работите сега?
Со задоволство го констатирам постепеното воспоставување на нашите трговски односи по светската криза. Обемот на билатералната размена на стока за десетте месеци годинава изнесува 439,3 милиони долари, што е за 9,7 отсто повеќе од истиот период лани, додека вкупниот обем на руските инвестиции во Македонија изнесува 225 милиона евра.
На пример, руската компанија „Лукоил“ инвестираше во Македонија повеќе од 32 милиони долари. Благодарејќи и на поддршката на македонската влада, се ставија во употреба 12 бензински станици и продолжува изградбата на нови објекти. Минатата година „Лукоил-Македонија“придонесе за буџетот на земјата во вид на даноци и такси со околу 1,5 милијарди денари, или околу 35 милиони долари. Компанијата „Синтез“ заедно со македонската „Топлификација“ оваа година ја завршува изградбата во Скопје на електроцентрала ТЕ-ТО што ќе работи на гас. Во текот на двете години се искористени повеќе од 150 милиони евра во инвестиции. Во изградбата активно учествуваат македонските градежни фирми: „Бетон“, „Факом“, ГАМА. Руската енергетска компанија „Силови машини“ на крајот од минатата година склучи договор од 56 милиони долари со македонската компанија ЕЛЕМ за обнова и модернизација на трите блокови на електроцентралата „Битола“.
На седницата на меѓувладината руско-македонска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка, која деновиве ќе се одржи во Русија, ќе се сумираат резултатите и ќе се анализираат спорните моменти што ја кочат нејзината динамика.
Нова перспективна насока во соработката е стремежот на Македонија да се приклучи кон грандиозниот проект „Јужен поток“. Направени се првите практични чекори и во почетокот на октомври во Скопје допатува делегацијата на рускиот мегахолдинг „Гаспром“, која имаше преговори со македонската влада. Сметаме дека во случај на позитивни резултати при техничко-економските пресметки, до пролет може да дојдеме до потпишување на соодветна билатерална меѓувладина спогодба.
Освен политичките и економските врски, кој е степенот на културна и образовна размена?
Во октомври оваа година со голем успех настапија руските уметнички колективи во рамките на Деновите на руската духовна култура. Убеден сум, дека традиционалната духовна и културно-историска блискост на народите на нашите земји и натаму ќе служи за зајакнување на врските во науката, образованието и хуманитарната област.
На прв поглед може да ви се чини дека во нашите односи како да нема воопшто проблеми. Меѓутоа, имаме на што да работиме. Во последното време, за жал, се забележува намалувањето како на бројот на ученици кои изучуваат руски јазик во македонските училишта, така и на бројот на студенти-филолози кои се специјализираат за руски јазик и литература. Во врска со тоа сакам уште еднаш да ве потсетам дека руско-македонската економска соработка ја зголемува брзината и во блиската иднина ќе бидат потребни специјалисти кои зборуваат руски.
Созреа и потпишувањето на спогодбата за отворање на културно-информативни центри во Москва и во Скопје. Сметам дека е неопходно да се забрза ова прашање, кое трае веќе неколку години. Се надевам дека ќе ни успее во блиска иднина со заеднички напори да ја доведеме работата до крај.
Како влијае стремежот на Македонија да влезе во ЕУ и во НАТО врз релациите со Русија?
Руската Федерација ја смета Македонија за независна држава која води самостојна надворешна политика која, пред се, им одговара на нејзините национални интереси. За членувањето во какви било меѓународни организации одлучува самиот македонски народ. Русија негативно се однесува кон ширењето на НАТО, и тоа не е тајна. Ние не сметаме дека ширењето на Североатлантската алијанса придонесува за зајакнување на безбедноста во одделните региони и во Европа во целина. Тоа е принципиелниот руски став. Во врска со тоа би сакал да ве потсетам на иницијатива на претседателот Димитриј Медведев за Договор за европска безбедност. Принципот на неделивост на безбедноста, кој е содржан во Договорот и подразбира откажување од зајакнувањето на сопствената безбедност на туѓа сметка, е повикан да ја надмине инерцијата на блоковски пристапи и со тоа да го зајакне системот на општоевропската безбедност.
Како што сведочат неодамните настани, при појавувањето на конфликтни ситуации НАТО, без никакви прелиминарни консултации во ОН, самостојно решава за примена на сила. Очигледно е дека со своите акции во Ирак Алијансата излезе од рамките на евроатлантската зона на одговорност. Придонесе ли тоа за стабилизација на регионов? Ми се чини дека не. Меѓутоа Русија ја продолжува соработката со НАТО во борбата против заеднички закани: тероризам, ширење на оружје на масовно уништување, движење на наркотици и друго. Имено, на последниот самит во Лисабон беше постигната согласност за создавање на заеднички систем за противракетна одбрана.
Во изминатиот период македонските официјални лица се' почесто говорат за поголемо насочување кон Русија и кон други земји. Кое е Вашето мислење за тоа?
Секоја држава има свои надворешно-политички приоритети. Но, според мене политиката на секоја држава треба да биде балансирана и во многу насоки. Овде не мораат да постојат неправилности. Нашиот свет е разнолик и разнообразен. Од својата страна на секој начин го одобрувам зајакнувањето на сестраните врски меѓу нашите земји. Тоа е уште еден доказ за воспоставен плоден дијалог со македонските партнери, кој се води за повеќе прашања од заемен интерес.
Според Вас, можно ли е една земја успешно да развива соработка и со ЕУ и со Русија?
Не гледам никакви пречки за вашата земја да воспостави целосна соработка од заемна корист како со земји-членки на ЕУ, така и со Русија. Да, Русија е една од територијално најголемите земји во светот, но ние никогаш не забораваме дека Европа е наш заеднички дом. Не се спротивставуваме еден на друг, туку напротив, ЕУ е водечки трговски партнер на Русија и лидер на инвестиции во нашата економија. За нивото и за квалитетот на нашиот политички дијалог, убаво зборуваат регуларните самити Русија-ЕУ. Последниот се одржа неодамна во Брисел. |