„Гранит“ и „Бетон“ со намалени добивки
Градежната компанија „Гранит“ во првите шест месеци остварила приходи од продажба од 22,4 милиони евра, што е за 5 отсто помалку, споредено со истиот период од минатата година кога приходите изнесувале 23,5 милиони евра. Намалувањето на приходите според неревидираниот извештај на компанијата се должат на намалената продажба на домашниот пазар за 4 отсто и 11 отсто на странските пазари. Добивката во првите шест месеци од годинава изнесува 138 милиони денари, или 2,2 милиона евра и е за 22 отсто помала споредено со истиот период лани. И градежната компанија „Бетон“ бележи намалување и на приходите и на добивката. Таа во првите шест месеци од годинава остварила приходи од продажба од 12,5 милиони евра, што е за 28 отсто помалку отколку истиот период во минатата година кога приходите изнесувале 17,5 милиони евра. Оперативната добивка на компанијата според неревидираниот финансиски извештај, е, исто така, намалена за 14 отсто споредено со истиот период лани и изнесува 290 илјади евра. (Ек.Р.) |