Ху Џинтао - најмоќен на светот
Според „Форбс“, меѓу десетте најмоќни се и две жени, Ангела Меркел и Соња Ганди
Кинескиот претседател Ху Џинтао е на првото место од годинашната листа на „Форбс“ на најмоќни луѓе во светот, пробивајќи се така пред американскиот претседател Барак Обама и прекинувајќи ја традицијата по која американските претседатели поминуваат најголем дел од времето на врвот од таа листа.
„Форбс“ се водеше според четири критериуми за составување на годинашната листа. Прво гледаа дали личноста има влијание врз голем број луѓе; за шефовите на држави тука се работи за бројот на жители, за религиските водачи, за големината на конгрегацијата, а за директорите на компаниите бројот на вработени. Потоа се гледаше какво финансиско влијание имаат тие; на политичарите се гледаше БДП, на милионерите имотот. Потоа се проверуваше дали имаат влијание во повеќе сфери. Италијанскиот премиер Силвио Берлускони го зазеде високото 14 место затоа што истовремено е премиер, но и милијардер и медиумски могул. Конечно, се гледаше и колку активно ја користат својата моќ.
1. Ху Џинтао
Помалку изненадувачки, уредниците на „Форбс“ како најмоќен човек на светот го избраа кинескиот, а не американскиот претседател. Ху Џинтао има практично апсолутна власт на 1,3 милијарди луѓе, за разлика од западните лидери, и тој со една наредба може да го промени течението на некоја река, да изгради градови, да затвори кога сака, и да го цензурира интернетот. Кина неодамна ја претекна Јапонија како втора најголема економија во светот, и е најголем купувач на светскиот долг. Истовремено, има најбројна армија на светот и сите овие фактори го наведоа „Форбс“ да го стави Ху Џинтао на првото место на листата.
2. Барак Обама
Иако оваа недела ја загуби контролата врз Конгресот што ја имаше во првите две години од мандатот, и не може повеќе лесно да ги турка клучните реформи како минатата година, кога беше прогласен за најмоќен човек на светот, Обама и понатаму има многу фактори кои го ставаат на врвот од листата. Тој е врховен командант на најразвиената и најубиствена армија во светот, водач на најголемата светска економија, а ја носи и титулата „лидер на слободниот свет“.
3. Кралот Абдула бин Абдул Азис ал Суад
Абдула не само што е апсолутен владетел на кралство што содржи една петтина од нафтените резерви во светот, туку во своите граници ги има и двете најсвети исламски места, Мека и Медина. Државната нафтена компанија „Сауди арамко“ држи околу 266 милијарди барели резерви нафта, околу една петтина од познатото светско количество, а Саудиска Арабија патем е и клучниот глас на ОПЕК, најголемиот нафтен картел во светот. Запад можеби не се согласува со тврдокорната религиска структура внатре во државата, но никој нема навистина да им се замери на Саудијците. Остатокот од арапскиот свет на нив пак гледа како на племство. Не е сосема јасно кој ќе го замени 86-годишниот крал. Официјален наследник би требало да биде крунскиот принц Султан бин Абдул Азис ал Суад.
4. Владимир Путин
Рускиот премиер и натаму е далеку помоќен од својот избран наследник на местото претседател. Се очекува повторно да го заземе претседате��ското место во 2012 година, а во меѓувреме располага со една деветтина од копнената маса на светот, огромни енергетски и минерални ресурси, со вториот најголем арсенал на нуклеарно оружје во светот, а контролата што ја има над Русија речиси е апсолутна. Оние кои му се спротивставуваат набрзина завршуваат в затв��р, за што може да посведочат поранешните тајкуни кои му пречеа кога дојде на власт.
5. Папата Бенедикт Шеснаесетти
Бенедикт е „врховен поглавар“ на најголемата светска конгрегација, која брои една шестина од светското население. Ватикан е најмоќната религиска организација на сите времиња, а нејзиниот прв човек е уверен традиционалист кој истапува против секуларизмот, моралниот релативизам, контрацепцијата, хомосексуалните бракови и заредување на жените. Во својата папска кариера имаше пропусти, но изгледа дека и има интерес за решавање на некои од горчливите проблеми. Во септември стана првиот папа кој од „реформацијата“ го посети Вестминстер, прв кој се ракуваше со протестантски свештеник. Неговиот мандат веројатно најмногу ќе биде одбележан со скандалот за злоупотреба на деца со кој папата, ќе речат многумина, не се справи најсоодветно.
6. Ангела Меркел
Најмоќната жена на планетава ја води најголемата европска и четвртата најголема светска економија. Германија има пресудно влијание внатре во Европската унија, а нејзините компании годишно вртат речиси два милијарди долари, што е доволно Меркел да го задржи високиот ранг на листата на најмоќни.
7. Дејвид Камерон
„Форбс“ не даде претерано квалитетно објаснување зошто Камерон, новиот британски премиер го стави меѓу десетте најмоќни луѓе, наместо да кажеме јапонскиот премиер или францускиот претседател. Веројатно станува збор за традиција по која Британците, своевремено најголема светска сила, не смеат да се изостават од топ 10 листата.
8. Бен Бернанке
Директорот на американските Федерални резерви за време на финансиската криза беше личност што сите ја гледаа очекувајќи кој ќе биде следниот потег што ќе го повлече. Федералните резерви сега имаат биланс од околу 2,3 милијарди долари, но поради претходно повлечените потези не им остануваат многу средства што можат да ги користат. Единствено на што Бернанке може да се потпре е печатењето пари за да го олесни притисокот врз стопанството. Таа тактика ја искористи во 2008 година, а се очекува дека ќе ја повтори и овој месеца.
9. Соња Ганди
Иако е родена во Италија, а по религија е католик, Ганди, практично, управува со земја од 1,2 милијарди жители. Неодамна го доби четвртиот мандат на чело на Конгресната партија, а премиерот Манмонхан Синг е нејзин личен избор за таа функција. Како прва наследничка на династијата Нехру-Ганди, почна сериозно да го подготвува својот сега 40-годишен син Рахул за преземање на позицијата премиер и продолжување на традицијата.
10. Бил Гејтс
Основачот на „Мајкрософт“ веќе речиси две децении е на врвот на листата на најбогати луѓе, но во последниве години се посвети, главно, на хуманитарната работа. Фондацијата што ја раководи заедно со сопругата е најголема хуманитарна организација на светот, а заедно со колегата од врвот на листата најбогати, Ворен Бафет, Гејтс се одлучи да го направи невозможното - да ги наговори 40 најбогати луѓе на светот да ветат дека ќе дадат најмалку половина од своето богатство во хуманитарни цели - и во тоа е исклучително успешен. (Индекс.хр)
|