Тадиќ и Јосиповиќ положија венци на Овчара
Вуковар - Претседателите на Србија и на Хрватска, Борис Тадиќ и Иво Јосиповиќ, вчера положија венци на спомен-обележјето на масовната гробница во Овчара, во близина на Вуковар.
Тадиќ е прв српски претседател што го посетува Вуковар по војната во 1991 година. Освен двајцата претседатели, венци положија и членови на семејствата на жртвите.
Некои од членовите на семејствата на жртвите носеле транспаренти „Цел Вуковар е Овчара“, а еден од нив изјавил дека тие ја бараат само вистината за достојно да ги погребат своите најблиски.
Во масовните гробници на Овчара се пронајдени 200 тела, а по 61 се' уште се трага. За ова злосторство на вкупно 207 години затвор се осудени 15 лица пред судот во Белград и Хашкиот трибунал.
Тадиќ за време на оваа посета, освен со својот хрватски колега, ќе оствари средба и со премиерката Јадранка Косор.
Од Вуковар Тадиќ ќе замине за Паулин Двор, каде што во декември 1991 година припадниците на хрватските безбедносни сили убиле 19 цивили - 18 Срби и еден Унгарец. За ова злосторство на 12 години затвор е осудено едно лице.
|