СТИЛ
Град каде што традицијата и љубовта се под катанец
Репортажа од Печуј, Унгарија
Сунчица Уневска
Првиот впечаток кога ќе влезете во малото гратче Печуј, кое се наоѓа на југот на Унгарија, 200 километри оддалечено од Будимпешта, е дека станува збор за фасцинантен историски град. Првото нешто што паѓа в очи, покрај исклучителната стара архитектура, е фактот дека нема две градби ниту, пак, две улици што се исти. Се чини дека Печуј е вистинска ризница на стари градби, во која секое столетие оставило неизбришливи траги како сведоци за наверојатната историја низ која поминал овој град, чија старост е барем 2.000 години. Во Печуј можете да видите се', градби од ранохристијанскиот период, од ренесансата, од турското владеење, од неокласичниот период и, како што велат жителите на Печуј, треба да седите на една од бројните клупи во градот или да талкате низ неговите улици за да се уверите дека атмосферата во овој град се менува секоја минута, дека тој никогаш не изгледа исто.
И навистина е така. Во тоа можевме да се увериме сите кои бевме на нивниот Интернационален филмски фестивал (Moveast), кој се одржа од 7 до 14 октомври, иако престојот беше само шест, или осум дена. Но, и тоа е доволно за да се почувствува исклучителноста на овој град, во кој традицијата, уметноста, љубовта спрема филмот, театарот или музиката, посебното место на книгата и на едукацијата, на се' што е ново и креативно се нешта со кои неверојатно сплотено живеат жителите на овој град. Тоа се чувствува на секој чекор. На фестивалот работеа армија млади луѓе, кои беа подготвени во секое време да ви го покажат градот и да ви зборуваат за неговата неверојатно богата историја.
За бројните музеи, за монументалните градби, за неговите споменици, за културата и традиција, за модерната и современата уметност, но и за особеностите на кујната, за традицијата во подготвувањето на вината во овој регион, за посебноста на познатата керамика „жолнаи“. А особено со посебна возбуда сите ќе ви кажат дека Печуј во 2010 ќе биде европски град на културата, чие мото ќе биде „Град без граници“.
Но, девизата „Град без граници“ не е нешто ново кон што се стреми овој град денес, туку нешто што се чини дека е обележје на овој град отсекогаш. Неговата местоположба е таква што тој секогаш бил место каде што се судирале минатото, сегашноста и иднината. Во Печуј буквално се огледа целата европска и светска историја. Во него ја имате ранохристијанската некропола сместена неколку метри под земја, која се наоѓа на листата на заштита на светското наследство на УНЕСКО. Во него е монументалната базилика од 11 век со четирите кули и дванаесеттемина апостоли. Веднаш зад базиликата се наоѓаат остатоците од Универзитетот кој во Печуј е подигнат во 1367 и е прв во Унгарија, а воедно е и еден од првите универзитети во Европа. Во Печуј е отворена и првата јавна библиотека. Тој отсекогаш бил град на учени луѓе, на заштитници на уметноста, на писатели и поети.
Тој има огромна традиција во изработувањето скулптури и во украсувањето на црквите и на прекрасните палати. Голем процут градот доживува во времето на ренесансата и во времето на неокласичниот период. Иако во Печуј отсекогаш живееле многу националности, сепак, сите тие се вклопени во традицијата на унгарската држава и се смета дека корените на Унгарија се во Печуј исто како што корените на Австрија се во Виена.
Со целото тоа наследство се живее и денес. Во Печуј е зачувано се': и како физичка градба, но и како духовно наследство. Овој мал град само со 170.000 жители е град на фестивали, град на национален и интернационален театар, град на филмот, град на музиката и на традиционалната музика..., град преполн со настани. Печуј е и град на грозјето и на виното, чиј фантастичен вкус го овозможува медитеранската клима, тоа е град познат по кујната и по музичките фестивали на виното. Печуј е град на уметноста, тој се смета за тврдина во која е „заробена“ уметноста. Печуј е град на музеи (меѓу музеите со постојани поставки најпознати се Музејот на керамиката, како и Музејот на Вазарели и на Чонтвари), град на високи школи и универзитети, кои ги посетуваат над 30.000 студенти. Тој се смета за град на учењето, град во кој фасцинира бројот на книжарници и неверојатниот избор на нови книги и стари изданија. Сето тоа неговите жители го чуваат со љубов и со голема гордост зборуваат и го покажуваат сето тоа.
Таков беше и фестивалот во Печуј. Фестивал кој не го славеше само филмот, туку целата култура и уметноста со која секојдневно живее и која едноставно е испреплетена со филмот или со која и да е уметничка форма.
Интересно е дека во Печуј особено е и пријателското однесување на жителите. Како што самите ни рекоа, тука жителите се многу „пофрендли“ отколку во Будимпешта. Организаторите на фестивалот се потрудија гостите да видат се' што е можно, а што е карактеристично за овој исклучителен град. Едно од нив е регионот Вилањ, каде што се прават најдобрите вина во Унгарија, потоа концертите на отворено во т.н. Среќен парк, кој се наоѓа на висорамнината Мешек, а каде што гостите можеа да слушнат народна музика, но и современи групи додека јадеа гулаш од казан и пиеја од нивните вина.
Едно од посебните места во градот беше гостилницата „Корхеи“, која беше буквално фестивалски хит, каде што гостите најчесто одеа на ручек и вечера. „Корхеи“ е едно особено рустикално место, каде што на ѕидовите имате истовремено стари весници и дигитален екран, каде што на подот ги фрлате лушпите од кикиритките, каде што влегуваат гулаби и каде што се подготвува се' што е типично за Унгарија. Во друштво на нивните познати вина, од кои едно од најубавите е „португејзер“, или во друштво на познатата „палинка“, ракија од слива, или „уникум“, ликер од херба.
Музејот на Вазарели
Во Печуј се' е поинакво и има некој посебен шарм и традиција. Дури и познатите катанци, кои во Печуј се врзуваат за неколку огради, а значат запечатување на љубовта. Кога ќе видите колку катанци се врзани, тогаш се шегуваат и самите жители, ќе сфатите колку се сакаат тие. Младите во Печуј се собираат во парковите покрај базиликата или покрај еден од најголемите музеи посветен на големиот унгарски уметник Чонтвари, но и во рустикалните кафулиња, кои се сместени или покрај овие градби или во самите нив. Посебно е фасцинантно како новите генерации и како животот во Печуј денес тече испреплетен со целата оваа историја и патина што се чувствува од сите страни. Така е и на главниот плоштад, каде што се наоѓа познатата џамија „Гази Касим“ од 16 век, која денес на врвот има крст. Иако ја задржува оригиналната форма на џамија, сепак, денеска е католичка црква. И тоа е едно од собиралиштата на младите. П��чуј е неверојатен спој на традицијата, на историјата и на сегашноста, која е свртена кон иднината. Но, во Печуј на некој особен начин, не наштетувајќи и' ни малку на некоја чудна атмосфера, која навистина постојано се менува, но која во себе секогаш ги носи и старото и новото. |