СТИЛ
Македонски градини по теркот на фенг-шуи
Елементи на фенг-шуи во домот на сопственикот на приватниот универзитет ФОН, Фијат Цаноски, во Струга
Чешмичка во дворот од каде што тече вода во правец на влезната врата на куќата носи пари во домот...
Жаклина Хаџи-Зафирова
Дали знаете дека ако направите чешмичка во некој агол од дворот или во вашиот дом, тоа би можело да ви донесе пари? Или дека не треба да одгледувате дрвја поголеми од вашата куќа, бидејќи тоа носи несреќа... Овие работи можеби се бесмислица за оние што не навлегле во суштината на вештините на фенг-шуи, древен кинески систем за естетика, за кој се верува дека носи хармонија во душата и во домот. Светски тренд е домовите и работите кои луѓето ги внесуваат во домовите да се уредуваат според принципот фенг-шуи, но ова верување, кое стана актуелно и кај нас, во последно време се пренесе и на полето на хортикултурата. Не секој, туку само оние со подлабоки џебови можат да си дозволат да одвојат поголема сума пари за уредување на дворовите (кое е посебно актуелно сега со доаѓањето на есента) и да побараат некоја специјална желба во согласност со фенг-шуи што, според многумина, носи среќа.
Експертите за хортикултура кај нас велат дека не е лесно да се задоволат сите вкусови, бидејќи има и невозможни, но додаваат дека во последно време и тие се' повеќе учат од своите клиенти кои бараат амбиент според фенг-шуи во своите дворови. Но, ова задоволство чини. За грижливо уредување дворови или домашни катчиња се наплаќа од 2.000 до околу 20-30 илјади евра, суми кои барем кај нас се привилегија на малкумина.
На листата на познати личности - љубители на зеленилото се спомнуваат многу имиња, меѓу кои се бизнисменот Ристо Гуштеров (кој доби награда за најубаво уреден двор) и првиот човек на приватниот универзитет ФОН, Фијат Цаноски, чиј двор во домот во Струга може да служи за пример.
„За уредување на мојот двор во Струга ангажиравме посебен експерт, кој со помош на експертите за хортикултура ни го уреди според принципот на фенг-шуи. А оттогаш за дворот се грижи мојата мајка“, ни кажа Фијат Цаноски.
Неговиот двор го уредувала фирмата „Флораскоп“. „Најчести клиенти ни се оние што се добро ситуирани, иако желба за убаво средено зеленило во дворовите и во домовите имаат и луѓе кои не се толку финансиски моќни. Кај нас доаѓаат со идеја, а ние им кажуваме како најевтино и најлесно да се реализира. Во тој случај, користиме помали растенија околу уредувањето. Богато уредување на еден простор чини околу 20.000-30.000 евра, но може да чини и само 2.000 евра, во зависност од големината на просторот и на растенијата, бидејќи има растенија кои чинат 500 денари, но има и такви кои достигнуваат цена од 70.000 до 90.000 денари. Зависи што ќе посакаат нашите клиенти да ги краси нивните дворови“, вели Зоран Дончевски, раководител на проекти за хортикултурно уредување од фирмата „Флораскоп“. Моментно фирмата одржува дваесетина објекти, каде што внимава на изгледот на зеленилото, за што во просек се наплаќа сума од 4.000 до 16 илјади денари.
Клиентите, потенцира Дончевски, се' повеќе ги приспособуваат желбите според фенг-шуи, па така и тие се водат од нивните вкусови. „ Се верува дека носи пари ако се постави фонтана во агол од дворот, при што водата ќе тече кон влезната врата на куќата. Не е добро кога дрвјата во дворот се повисоки од куќата, што се верува дека носи несреќа, како што не е добро ниту во дворот да има електрични столбови кои, според фенг-шуи, би требало да се покријат, бидејќи зрачат негативна енергија“, појаснува Дончевски, откривајќи ги барањата на клиентите.
Нивните клиенти, вели тој, обично бараат поатрактивни и поголеми растенија, но тоа и чини повеќе. „Бараат поатрактивни растенија кои тука ги нема, па затоа ги носиме од странство, најчесто Белгија, Холандија и од Италија . Од оние кои најчесто ги бараат се црвениот јапонски јавор и цеверусот, потоа хотинија и магнолија. Повеќето од тие луѓе бараат и големи растенија, зашто немаат намера да ги чекаат да израснат по два-три метри. Сакаат нивниот двор да изгледа дека е засаден од поодамна. А најскапи растенија се оние што растат најбавно“, вели Дончевски. Како пример тој го посочи јаворот кој може да се набави по цена од 30 до 40 илјади денари.
Дончевски ги објаснува техниките според кои работат, бидејќи претходно вели дека треба време за да се измери објектот и да се види кое растение каде може да се посади, имајќи ги предвид квалитетот на почвата и сенката. „Прво одиме на терен, го мериме објектот и ја гледаме местоположбата на објектот во однос на страните на светот. Проверуваме каква е почвата и дали треба дотур на земја или е потребно да се насади трева со дотур на хумусна земја. Потоа одредуваме местоположба на водата за системот за полевање и место каде што би ја приклучиле водата и правиме проект како би требало да изгледа просторот. Се раководиме и од желбите на клиентите, но и ние им кажуваме какви растенија е најдобро да се посадат или донесат. Им предлагаме кои растенија бараат повеќе сонце или сенка. Значи, се' е претходно прецизно испланирано“, вели Дончевски.
Тој потенцира дека во последно време имаат се' повеќе желби за поставување фонтани според фенг-шуи, бидејќи клиентите сакаат да имаат вода во дворот или декорации во вид на рекички.
А кога станува збор за фонтаните, фантазијата нема граници. Барем не за самостојниот уметник Сашо Поповски, кого познатите го знаат како бате Пере, кој повеќе од осум години се занимава со изработка на фонтани. Ги вградува во природен зелен амбиент опкружени со растенија. Вели дека не изработил две исти фонтани, а откако ќе ја изработи фонтаната, по извесно време има потреба повторно да ја види, бидејќи има неизмерна љубов кон природата. И неговите клиенти во последно време го истанчиле вкусот, па се' повеќе бараат и тие да придонесат за фенг-шуи амбиент.
„При поставувањето на фонтаната садам и разни растенија. Не сум експерт за хортикултура, но со текот на времето, пред се', поради големата љубов кон природата, се стекнува искуство во уредувањето и тоа влијае за конечен убав изглед на фонтаната“, вели Поповски. Тој додава: „Секогаш кога ги работам моите фонтани сум среќен“.
Фонтаните ги изработува од разни видови камења, а нема правило каде ќе ги постави, бидејќи се' зависи од желбата на клиентите. Покрај фонтаните во дворовите, поставувал и фонтани во соба или на тераса, каде што објаснува дека треба да се води сметка за просторот, за да се вклопи и да не го наруши внатрешниот или надворешниот амбиент. „Фонтаните имаат многу функции. Водата влијае смирувачки на нервниот систем. Цвеќињата го разубавуваат дворот или околината и просторот во урбаната средина добива природно уредено катче“, вели бате Пере. Но, најважно, според него, е да се води сметка како фонтаната да се вклопи со растенијата и да се знае кои растенија виреат во специфични услови. Минималната цена за едно вакво задоволство чини 100 евра, но сумата, вели Поповски, не е ништо во споредба во ефектот што се постигнува во домот. |