ИНТЕРВЈУ
Местото на Македонија е во ЕУ
Гунтер Грансер
Културна, етничка и религиозна разновидност на граѓаните е огледало на ЕУ, вели, амбасадор во заминување на Суверениот воен ред од Малта во Македонија
Миркица Поповиќ
Господине Грансер, Вие сте единствениот амбасадор во Македонија со толку долг мандат, 14 години.
Да, тука сум од самото отворање на амбасадата на Суверениот воен ред од Малта во 1996 година. Нашиот Воен ред постои веќе 950 години како меѓународен субјект без територија и има 13.000 витези, околу 80.000 волонтери и 20.000 вработени, најголемиот дел од нив медицински персонал. Дејствуваме во околу 120 држави низ светот, а дипломатски односи имаме воспоставено со 104 држави, меѓу другото, и со сите балкански, но не и со Грција. Суверениот воен ред од Малта има дипломатски односи и со Обединетите нации и Европската унија. Фокусирани сме на медицинска и социјална помош, помош при големи воени или природни катастрофи, помош за хендикепирани лица и млади со пречки во развојот, како и за борба против сидата во Јужна Америка.
По толку години, емотивно сум врзан за Скопје, иако мојата функција е нерезидентна. Имав средба со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов и тој ме замоли, и покрај тоа што заминувам, да продолжам да бидам амбасадор. Секако дека нема да ја заборавам државата по толку години.
Како започна дипломатската соработка меѓу Македонија и Суверениот воен ред на Малта?
Воспоставивме дипломатски односи со Македонија во 1996 година, но тоа не беше првиот контакт на Редот со државата. По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, Редот беше еден од првите што помогна за реконструкција на градот и за помош на народот, кој западна во тешка сиромаштија.
Меѓутоа, тука не застана нашата хуманитарна работа со Македонија. Повторно имавме контакт со Македонија и со државите од Балканот при воените конфликти кон крајот на 1990-тите години. Редот испрати голем број волонтери кои им помагаа на бегалците во најлошиот период од нивниот живот. Основавме логистички центар од каде што го снабдувавме народот со лекови, храна и основни производи што им беа неопходни на луѓето соочени со сиромаштија и со ваква вонредна ситуација.
Што вклучуваат активностите на Вашата амбасада во Македонија?
Во Македонија работиме на хуманитарни проекти. Еден од главните проекти на кои се фокусира нашата амбасада е работа со медицинската установа во Демир Капија, но не застануваме таму. Основавме и центар за дистрибуција на храна и лекови за сиромашните во државата и промовираме програма за помош на деца и млади со пречки во развојот. Низ целата држава имаме комуникација и редовно даваме помош на многучлени семејства што живеат во многу лоши услови без речиси никаква финансиска помош. Нашите активности вклучуваат и донирање средства на добротворни фондации. За нас не е важна националноста, или религиозната и културната определба. Дејствуваме и помагаме еднакво и на македонското, албанското, турското, влашкото и на ромското население во државата.
Како Ви изгледа моменталната ситуација во државата? Работиме за влез во Европската унија. Според Вашето долгогодишно меѓународно искуство, какви се изгледите на Македонија за брз прием во Унијата?
Македонија мора да стане дел од ЕУ. Не може да дискутираме за Балканскиот регион во ЕУ без прием на Македонија во Унијата. Бугарија и Романија веќе се дел од ЕУ, Турција работи на прием, па не е можно една од државите во најстариот европски регион да не стане членка на ЕУ. Не може да кажеме дека не е дел од нашето семејство. Македонија мора да биде дел од европската заедница. Самата разновидност, различните националности, култури и религии во Македонија се пример за тоа како треба да изгледа Европа во иднина.
Поради тоа, прашањето кое го имате со вашите соседи мора да се реши. Мислам дека доколку ги подобрите односите, проблемот со вашиот сосед веќе нема да биде пречка за приближување до ЕУ.
Разговараме со сите држави во регионот за влез во Унијата. Ние сме таму и ЕУ е големо семејство каде што повремено има и добри и лоши деца. И европските држави имаа проблеми, но не разбирам зошто овој проблем трае 19 години. Време е да се надминат разликите и да се реши проблемот меѓу двете држави.
За мене Македонија е Македонија, хеленската држава е хеленска. Проблемот со името, сепак, не го засега Редот, бидејќи ние дејствуваме од хуманитарен аспект.
Повеќе од една деценија сте во Македонија, какви се Вашите впечатоци за нашата државата?
По мојот почеток во 1996 година до денес, мислам дека имате голем напредок како држава. Забележувам константен прогрес. Имате многу проблеми, но со помош од меѓународните институции мислам дека може да ги надминете. Ние може да помогнеме за општествениот, хуманитарниот и културниот живот и ќе продолжиме и во иднина за да се подобри животот на граѓаните во Македонија.
Се сеќавам дека кога дојдов прв пат во Македонија, бев во Охрид и бев импресиониран од манастирите и природната убавина на градот. Имате прекрасна природа, планини, езера, зимски и летни ресорти. Мислам дека е неопходно да ги развивате за вашата иднина. Државата има голем туристички и културен потенцијал и мислам дека треба повеќе да се фокусирате да ги развиете. Државата се интересира за хај-тек проекти, а има и добри инженери, што е многу добро за вас, бидејќи живеем�� во ера на брз технолошки развој и Интернет-технологија. Сепак, сметам дека државата треба силно да работи на развивање на културата и туризмот за да напредува.
Заминувате од Македонија како амбасадор со најдолго искуство во државата. Што би му порачале на новиот амбасадор и како тој ќе ја продолжи Вашата работа?
Новиот амбасадор ќе дојде во ноември или декември и ќе биде од Полска. Нашите витези се од различни националности, затоа амбасадорите не се секогаш од иста држава. Ќе му го пренесам моето искуство и знаењата и се надевам дека тоа ќе му помогне во идната работа. Мислам дека во следниот период ќе треба повеќе да се фокусира на подобрување на општествениот и културниот живот. Ќе имам средба со министерката за култура пред да заминам и ќе порачам да се спроведат проекти во полето на културата. Покрај ова, ќе продолжат нашите хуманитарни активности, посебно во областите на прва помош и амбулантите, а размислуваме и за помагање на болниците за подобрување на медицинските услуги.
|