На Балканот му е потребен конструктивен дијалог
Членството во ЕУ е заеднички именител за сите балкански држави
Миркица Поповиќ
Конструктивен дијалог и меѓусебна соработка се два фактора кои постојано ги запоставуваат државите од Западен Балкан. Потребата од балкански дијалог кој ќе доведе до заедничка европска иднина беше дискутиран вчера на панел-дискусијата во организација на Советот за глобална соработка. На дискусијата насловена како „Преосмислување на дијалогот - иднината на Балканот“, учествуваа членови на различни тинк-тенк организации од Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Косово и од Грција.
Познатата фраза „буре барут“ повторно доминираше при карактеризирањето на нестабилноста на регионот и потенцирањето на избувливиот карактер на државите од Западен Балкан. „Балканскиот регион во споредба со другите делови на Европа и натаму останува политички и безбедносно најнестабилен и економски најнеразвиен регион“, рече Огнен Малески, член на Извршниот одбор на Советот. Нестабилноста на регионот, за кој според излагањата на говорниците единствено спас се гледа преку интегрирање во ЕУ, несомнено е основна грижа на ЕУ. Спогодбата за стабилизација и асоцијација, односно стабилизација на регионот, беше основниот услов за да се оствари ветувањето на ЕУ за потенцијално членство на државите од Западен Балкан во ЕУ. Малески потенцираше дека поотворениот и поконструктивен дијалог меѓу балканските држави треба да придонесе за намалување на тензијата и да ги доведе процесите на нестабилност до точка до која ќе бидат иреверзибилни, бидејќи постојаното навраќање на конфликтите само го продлабочува јазот меѓу државите.
Според него, иако членството во ЕУ е заеднички именител за сите балкански држави, сепак, неконзистентната политика на Брисел доведува до сериозно доцнење на процесот на евроинтеграција. „Ваквата нерешителна политика им оди в рака на оние националистички и популистички елити кои се' уште се многу присутни и влијателни во сите земји од регионот и нудат решенија и опции за реализација на големите национални проекти“, нагласи Малески.
„Актуелните популистички владејачки гарнитури и политиката заснована на влевање страв ги фрлаат во сенка и малите успеси на државите во меѓусебната соработка и соработката со ЕУ“, смета Весела Чернева од Европскиот совет за надворешни односи во Бугарија. Според Чернева, падот на слободата на говорот и зголемување на евроскептицизмот во речиси сите држави придонесува за зголемениот интерес на граѓаните за популистичка и националистичка политика наместо реформаторска.
Петрак Појани од Албанскиот совет за надворешни односи потсети дека демократизацијата е бесконечен процес, а нашите држави често забораваат на значењето на јавното мислење. „Граѓаните, медиумите и невладините организации треба постојано да вршат своевидна пресија на политичките елити на балканските држави кои ги држат во свои раце клучните инструменти и обврската за реализација на добрососедската политика и интеграција на целиот регион во ЕУ“, додаде Појани.
Регионот, покрај политичкиот дијалог, не треба да заборави и на економскиот, кој е движечка сила во општествата. Јенс Лекман од грчката Фондација за европска и надворешна политика ЕЛИАМЕП подвлече дека би било поволно да се види активен дијалог меѓу централните банки и министрите за финансии од регионот.
Главниот заклучок од дискусијата беше дека балканските држави не треба да се држат слепо за идејата дека евроинтеграцијата и влезот во НАТО ќе ги решат внатрешните и билатералните проблеми со кои се соочуваат. „Земјите од Западен Балкан треба да учат од Бугарија и од Романија, кои мислеа дека само ако го имаат хармонизирано своето законодавство со европското, ја завршиле својата работа“, укажа Чернева.
Регионот мора да се откаже од националистичкото читање на минатото и да го напушти натпреварот во конкуренција на жртви, заклучија од Советот за глобална соработка. |