Во сукцесијата на СФРЈ има уште нерешени прашања
Белград – „Пет години по потпишувањето на Договорот за сукцесија на обврските и имотот на поранешната СФРЈ се' уште има нерешени прашања“, изјави вчера во Белград српскиот премиер Мирко Цветковиќ.
„Прашањата како што се враќањето и надоместокот за имотот на претпријатијата и на граѓаните, станарското право, пензиите и старото девизно штедење се' уште не се решени“, рече Цветковиќ на отворањето на дводневниот состанок на Мешовитиот комитет за сукцесија.
„Брзото спроведување на договорот за сукцесија е важна претпоставка за побрза интеграција на државите-наследнички на СФРЈ во Европската унија“, рече Цветковиќ, додавајќи дека решавањето на прашањето на сопственоста на имотот, кој е предмет на сукцесија, значително ќе влијае врз зголемувањето на приливот на странски инвестиции и на побрз економски развој на државите во регионот.
На состанокот на Мешовитиот комитет за следење на примената на договорот за сукцесија на поранешната СФРЈ учествуваат претставници на Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и на Словенија. (Макфакс)
|