Милошоски: Не ги блокираме преговорите со Грција
Нерешливоста или сложеноста на спорот е одговорност на одредени политички кругови во Грција, смета Милошоски
Тамара Грнчароска
„Македонија во однос на преговарачкиот процес со Грција има конструктивен пристап и претставувањето на македонската позиција во однос на овој спор се прави на таков начин што работата на посредникот Метју Нимиц нема да биде сопрена“, изјави вчера министерот за надворешни работи Антонио Милошоски. Прашан дали Владата се враќа на позицијата за двојната формула, особено по изјавите кои неодамна во Германија ги даде претседателот Ѓорге Иванов, Милошоски дополни дека нема да биде доведена во прашање продуктивноста на посредништвото да може да се направи чекор напред. Милошоски информираше дека на Генералното собрание на ОН во Њујорк на крајот од овој месец ќе има средба со Нимиц на која ќе му бидат претставени македонските позиции.
Иако Милошоски избегна директно да одговори дали земјава се враќа кон двојната формула, во контекст на преговорите, рече дека „Македонија во изминативе 15 години со повеќе или помалку ангажман го дава својот конструктивен придонес“. „За жал, потенцираше Милошоски, нерешливоста или сложеноста на овој спор, или на моменти неговата ескалација и навлегување во други сензитивни области за македонскиот народ и сите наши граѓани, е одговорност на одредени политички кругови во Грција кои со години, можеби 15 години, имаат во себе една константа, а тоа е заедничкиот именител дека можат и смеат да одлучуваат за сопствениот избор за слобода и самоопределување на еден друг народ. „Тоа е клучната непозната во овој спор што долго време ни одзема и енергија, и внимание и ресурси и на Македонија и на Грција“, изјави Милошоски. Тој се надева поскоро да го надминеме овој спор, да го оставиме зад нас, и да се однесуваме и да соработуваме како две соседни демократски земји.
Милошоски изјавата ја даде по примањето на признанието „Послание Мајка Тереза“, за заслуги за посебно ангажирање и чествување на делото на Мајка Тереза, која му ја додели Граѓанската асоцијација која го негува споменот на делото и мисијата на големата хуманистка. Во таа пригода, Милошоски рече: „Ова признание ми значи лично, иако направивме еден скромен чекор за она што таа ја задолжила Македонија“. Притоа, Милошоски информираше дека денеска заминува во посета на Ватикан каде што на официјалните лица ќе им ја предаде поканата папата Бенедикт Шеснаесетти да ја посети Македонија, за што благослов е даден од сите верски заедници во земјава.
Шефот на дипломатијата на новинарското прашање за тоа дали и во ЕУ ни се заканува вето од Грција, одговори дека „Македонија има еден приоритет, а тоа е да ја добие препораката од ЕК дека земјата-кандидат е подготвена за почнување на претпристапните преговори“. „Нашите очекувања се позитивни од овој извештај“, изјави Милошоски, додавајќи дека сигналите што ги добивме во последно време се позитивни и најавуваат позитивен извештај. Според него, по извештајот, Европскиот совет треба да ги земе предвид улогата и значењето на Комисијата и да постапи според нејзината препорака. „Тоа е веќе институционална работа на Европскиот совет, во таа комуникација со Комисијата да ја даде својата политичка верификација на она што дотогаш било предмет на оценување според дадените критериуми“, рече Милошоски. Тој беше категоричен дека „Македонија сака една работа во односите со ЕУ, кон нас да се постапува според воспоставени критериуми“, додавајќи дека нашата земја е подготвена сите оние релевантни критериуми да ги исполниме за да може да бидеме праведно оценувани.
На прашање за ревизорскиот извештај за финансиското работење на МНР во 2008 година, во кој беа наведени низа пропусти и нерегуларности, шефот на дипломатијата рече дека „ревизорскиот извештај е нешто што многу ни значи и тоа е едно согледување на една компетентна институција, што укажува на одредени недоследности на кои треба да се посвети внимание“. „Тоа за нас е патоказ за тоа како треба да постапуваме за да може да надминеме одредени пропусти во работата кои имаат свое оправдание или можеби своја специфика, но во секој случај важно ни беше што ревизорскиот извештај спомена дека МНР ги користело средствата наменски и законски“, изјави Милошоски. |