Број 3610  вторник, 21 јуни 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter
Култура

Свет меѓу корици

Приказна за последицата на случајна љубов

Невена Поповска

Кога последен пат сте прочитале некој интересен роман за секојдневен, обичен проблем? Феномените на секојдневието, како разводот, венчавките, прељубите или несаканите бремености, одамна ги запоседна тривијалната книжевност која литературата ја натера на маргините или евентуално во жанровска книжевност.

Во романот „Тресок“ Ник Хорнби говори за тинејџерска бременост и тој мошне вешто ја извлекува темата од срцето на тривијалноста и „селф-хелп“, а сличен начин е паметен и забавен како филмот „Џуно“.

Дополнително алиби за пишување на романот „Тресок“, Хорнби пронашол во статистиката. Имено, во Англија има најголема стапка на тинејџерска бременост, а бидејќи станува збор за своевиден тематски евергрин, овој писател воопшто не морал да се грижи дали темата ќе исчезне додека тој не го заврши романот, што е најчест кошмар на секој амбициозен писател, бидејќи бавното пишување роман е најчестата препрека за брзата книжевна реакција на некој акутен општествен проблем.

„Селф-хелп“, како и тривијалната книжевност, повеќе се држи до типичните ситуации, додека главниот лик на Хорнби, шестнаесетгодишниот Сем не е панкер, не е ниту навивач, ниту е некое проблематично дете, но е скејтер, што пак претставува препознатлив избор за авторот. Негов идол не е некоја поп-ѕвезда или спортист, туку Тони Хоук, чија книга „Хоук-професија:скејтбордер“ според признанието на Сем ја прочитал 50 пати и со неа веќе е во состојба да води измислени дијалози. Сем нема ниту посебни ниту типични проблеми со девојките-не станува збор за тоа дека не го сакаат, но уште поинтересен е неговиот воздржан однос кон сексот, што всушност е необично за неговата возраст. Но, затоа неговата девојка Алис е мошне заинтересирана за сексот, а исходот веќе се предвидува-дури и во ваков роман тестот за бременост мора да биде позитивен. Целата ситуација дополнително ја комплицира и фактот дека мајката на Сем го родила како тинејџерка и дека родителите на Алис се од некој сосема поинаков социо-културен филм.

Хорнби како писател на „селф-хелп“ или тривијални дела бргу би пропаднал бидејќи неговите литерарни јунаци Сем и Алис не само што не се лудо вљубени, туку својата краткотрајна врска во нормални околности бргу би ја заборавиле. Не е ли вистински литерарен предизвик да се пишува токму за таквите попатни, случајни, краткотрајни и брзо заборавливи љубови? „Тресок“ всушност истражува како еден таков „случаен“ пар се снаоѓа во новонастанатите околности и новата ситуација.

Хорни не смета дека јунаците мора да бидат наркомани, дилери или насилници за да бидат литерарно интересни, туку напротив, смета дека треба да стануваат релевантни според своите литерарни реакции. Наместо да ги советува, морализира и нуди готови решенија, Хорнби ги тера на размислување, смислувајќи цел спектар препознатливи ситуации, вклучувајќи ги и социјалните разлики, па дури и семејната нетрпеливост.

Како што се развива романот, тинејџерската бременост малку по малку станува повод за испишување на комплексна романескна слика, така што „Тресок“ се преобразува во семејна приказна што е всушност и теренот на кој Хорнби го стекна својот литерарен углед со претходните два романа: „Фудбалска треска“ и „Се за едно дете“, според кој беше снимен и филм со Хју Грант во главната улога. Се' уште се свежи сеќавањата на неговите впечатливи романескни ликови и суптилното раскажување за односот на родителите и децата. Постои ли воопшто родител, кој по романот „Се' за едно дете“, би се осудил да му забрани сендвич во „Мекдоналдс“ или хип-хоп?

„Тресок“ оригинално е објавен во 2007 година и не е прва книга на Хорнби што масовно ја читаат тинејџерите, иако станува збор за неговиот прв роман што директно е наменет за таа возраст. Како роман наменет за сите возрасти, „Тресок“ е важен прилог на тврдењето дека нема потрошени или банални теми. Тој нема амбиција да го опише тоталитетот на светот и на времето во кое живееме, но неговите дела, колку и да се различни покажуваат дека романот како жанр и натаму е единствениот што нуди комплексна рефлексија на времето во кое живееме.


#
Статијата е прочитана 1292 пати.

Испрати коментар

Од: kamenko
Датум: 21.06.2011 09:48:32
E bravo be, na ova nema komentar! Bravo!!

Најди! во Утрински
Култура
Со Моцарт времето брзо изминува
Почна акцијата „Со книга на плажа“ на клубот „Матица“
Во МСУ стартува „Скопско лето“
Промоција на „Поетите за Омер Калеши“
„Радост на живеењето“ на изложба во Подгорица
Македонија во Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО

"""