Со Моцарт времето брзо изминува
Деновиве излезе рецензија за македонската опера „Дон Џовани“ во престижното италијанско списание „Л’опера“
Со наслов „Заводникот во вилата“, деновиве во реномираното италијанско списание „Л’опера“ излезе рецензија за македонската поставка на операта „Дон Џовани“ со која се отвори годинашното издание на „Мајски оперски вечери“. Магазинот „ Л’опера“ е еден од најреномираните во светот посветен на оперската уметно��т кој постои 25 години. Авторот на текстот, Андреа Мерли, не се осврнува само на претставата, туку воопшто, ја отсликува денешната ситуација во Македонија и Скопје, а пишува и за историјатот на Македонската опера. Тој го доживеал Скопје како едно големо градилиште. „Од урбанистичка гледна точка, новата и независна Македонија сака да добие изглед на модерен и елегантен град. Особено голема е желбата да се добие значајно место во европската културна сцена...“, се вели во текстот.
„Операта во Македонија повторно се возобнови по Втората светска војна, во 1947 година, кога под водство на Маршал Тито, балканскиот регион на кој со векови полагаа право Турција, Грција и Бугарија стана дел од Југословенската република“, го почнува текстот Мерли и продолжува: „Првичниот импулс го даде Ловро вон Матачиќ за низ годините да се одржи една традиција која во 1963 доживеа силен удар, кога силен земјотрес уништи голем дел од градот Скопје, вклучувајќи го и стариот театар. Сегашната зграда беше изградена кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век. Означува еден повеќефункционален стил и концепција на театарскиот простор кој цели повеќе на содржината отколку на естетиката, што за денешниот вкус се чини застарено. Исто така и функционалноста е дискутабилна бидејќи во огромната градба се наоѓа мала сала (800 места), но за среќа видливоста и акустиката, кои се најважни, се загарантирани од секој агол на театарот и се одлични“.
За улогите во „Дон Џовани“, пак, вели: „Во улогите треба да се истакне дебито на младиот бас од Латвија, со образование и кариера во Италија: Валдис Јансонс. Убав глас, прекрасна линија на пеење, стилистички изострен уште во самото деби во улога монстре за баритони и басови, значајни интерпретативни тенденции уште во формулацијата, разнолика и нежна, што во артикулацијата на зборот во перфектен италијански е јасно изразено. Аке се придодаде неговата висока става и елегантна фигура може да се смета за еден елемент кој, кога конечно ќе ја метаболизира и обликува улогата, ќе претставува голема конкуренција за многумината ’познати ривали‘. 25 годишниот Лепорело на македонскиот баритон Владимир Саздовски восхитува со вокалноста и со темпераментот и ентузијазмот на сцената. Сепак, ќе мора да го усоврши италијанскиот јазик доколку сака да и надвор да работи со нашиот репертоар.
Одлична и славна, веројатно затоа што е позната кај локалната публика, Дона Ана на Благица Поп Томова, глас на лирски сопран, со леснотија во високите тонови, лесна и флуидна агилност, забележлива сценска снаодливост. Тоа не и недостига ни на Дона Елвира на Марчела Орсати Таламанка, која се враќа на сцената по доброволната пауза за посветување на мајчинството: солидна вокалност, добро изразена, самоувереност во пеењето и единствено жалење што аријата ’Mi tradi quell'alma ingrate‘ е изоставена.
Сјајна е свежата Зерлина на сопранот Катерина Стојановска и звучен Мазето на баритонот Ермес Ибраминовски. Македонец, но веќе познат кај италијанската публика, тенорот Благој Нацоски, Дон Отавио, на претставата се појави по неколку дневно боледување, но сепак успеа да биде одличен и силно аплаудиран во двете познати арии и во остатокот од операта. На крај, моќен е Комендаторе на јапонскиот бас Хидеказу Цумаја, активен во Германија и со постојан ангажман во Операта во Лајпциг. Оркестарот и хорот се достојни на задачата: секако дека ’моцартовци‘ не се станува од денес до утре: ’Дон Џовани‘ го немаше во Скопје повеќе од дваесет години и со тоа беше деби речиси за сите. Диригентот Оливер Балабурски го гарантира суштинското водство без никогаш да изгуби контрола врз целосноста. Единствено е штета што операта е скратена од смртта на главниот лик со што ни е ускратен финалниот спектакл. Краткоста е голема предност? Бездруго, но со Моцарт времето секогаш брзо изминува“, завршува Андреа Мерли. |