„Радост на живеењето“ на изложба во Подгорица
Во Павилјонот на уметниците на Црна Гора во Подгорица вечерва во 20 часот ќе биде отворена меѓународната изложба „Радост на живеењето“ што е дел од истоимен проект чија цел е поттикнување и развивање на соработката помеѓу уметниците од Македонија и Црна Гора и презентација на дел од актуелната културна и ликовна сцена во Скопје и Подгорица.
Изложбата која беше презентирана претходно и во Скопје, во орган��зација на здружението „Арт фактор“ ќе ја отвори македонскиот амбасадор во Црна Гора, Александар Василевски, а на неа ќе бидат презентирани дела на уметници од двете земји. Од Македонија ќе изложуваат: Исмет Рамиќевиќ, Беди Ибрахим, Дијана Томиќ Радевска, Александра Петрушевска, Гоце Наневски, Атанас Ботев, Марија Сотировска, Зоран Поповски, Славица Јанешлиева и Нехат Беќири, а од Црна Гора: Тијана Дујевиќ Лисчевиќ, Наташа Ѓуровиќ, Тијана Гордиќ, Адин Растодер, Дарко Ѓуровиќ, Нада Кажиќ, Марко Луковац, Илија Никчевиќ, Милош Поповиќ Мики и Жељко Рељиќ.
Продирајќи зад примамливата слика на површината, во повеќето дела што на прв поглед упатуваат на естетиката на „радоста на живеењето“, уметниците презентираат сериозни приказни и „состојби на духот“, кои ги предизвикува современиот секојдневен живот. (К.Б.) |