„Бољшој театар“ како Скадар

Завршувањето на ремонтот на рускиот храм на операта и балетот е одложен уште еднаш на две години
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Многу најавуваната реставрација на „Бољшој театар“ се претвори во големо измачување и „полигон на нестручна работа“ - вистински московски „Скадар“. Деновиве повторно е пролонгирано завршувањето на ремонтот за дури две години. Генералниот изведувач, компанијата „СУИ проект“ која ја доби работата во 2005 година, е отстранета од неа. Посебна владина комисија оцени дека во изминатите четири години е направена голема штета на старата зграда бидејќи на ремонтот работеле нестручни работници. Ѕидовите уште повеќе испукале и сега и тие треба да се спасуваат.
Николај Цискариѕе, главната машка балетска ѕвезда на театарот вели дека завршувањето на ремонтот е далеку бидејќи од стариот „Бољшој“ останале само надворешни ѕидови и голема јама во која треба да се зајакнат темелите. Цискариѕе потсетува дека Владимир Путин, додека беше претседател на Русија, изјавил дека ремонтот ќе биде завршен до окончување на неговиот мандат.
Пролетта 2005 година, „Бољшој театар“ беше затворен поради реконструкција и „капитален ремонт“. Беше планирано дека „Бољшој“ повторно ќе прими публика на крајот на 2008 година. Пред почетокот на реконструкцијата од државата беше побарана огромна сума од 25 милијарди рубли. Владата бараше сумата драстично да се намали па таа беше преполовена. Беше откажана и изградбата на скапа подземна гаража.
Незадоволен како се одвива реконструкцијата, од работата се оддалечи главниот архитект Никита Шангин, кој не сакаше да сноси одговорност за тоа што го работат градежните работници. Шангин беше запрепастен како градежните работници не ги почитуваат правилата на реконструкција на таков објект, туку работат по свое. Специјална владина комисија минатиот месец реши да се заменат околу 90 отсто од изведувачите на работите за реконструкција на „Бољшој театарот“.
Градоначалникот на Москва, Јуриј Лушков, деновиве го посети стариот „Бољшој театар“ и се увери дека темелите на зградата мора што побрзо да се зајакнат. Се покажа дека не била паметна идејата да се направат уште пет катови под земја, односно се копаа уште 20 метри. Покрај театарот некогаш проаѓала реката Неглинка и тлото на кое се наоѓа „Бољшој“ не е цврсто па би се одело многу длабоко со копање и градење на нови простори. Стариот „Бољшој“ театар имаше околу 40.000 квадратни метри, а реконструираниот би требало да биде двапати поголем, односно да има 80.000 квадратни метри. Под земја ќе бидат гардеробите, бифеата и друг простор. Обновениот „Бољшој“ ќе има нова современа автоматизирана подвижна сцена.
Дали сите работи ќе бидат завршени до 2 октомври 2011 година, или „Московскиот Скадар“ ќе стане културен „долгострој“ зависи од тоа колку московските и руските власти ќе контролираат како се работи и како се трошат буџетските средства. |