Не верувам во политички систем, верувам во личност

Скопје пати од оние што го мразат, а го искористуваат до последна педа земја, вели Александар Пејовски, композитор
Тина Иванова
„Mantra Diskreation“ е насловот на најновата композиција за хор на Александар Пејовски, која својата премиера ја имаше минатата недела во рамките на „Скопско лето“. Композицијата на Пејовски ја изведе Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар, под диригентство на Сашо Татарчевски и доживеа одличен прием кај присутните во кино-салата „Фросина“.
Реткост е навистина денес, на македонското музичко поднебје, да се создаваат дела наменети за хор, пред се зашто голем број на хорски ансамбли во земјава згаснаа, но и трендот за пишување на ваков вид на композиции кај македонските автори беше присутен пред се во 70-те и 80-те години на минатиот век. Сепак, токму ваквата форма во моментов е во фокусот на интересирањето на Пејовски, чии импресивни творби инаку досега се изведувани и наградувани во Италија, САД, Јапонија, Германија, Хрватска. Тој вели дека никогаш претходно не добил идеја за вокално или вокално-инструментално дело. А, она што исто така е мошне интересно за композицијата „Mantra Diskreation“, е тоа што таа се базира, или содржи постојана репетиција на зборовите ЕУ и НАТО, пеени во неколку мелодиски варијанти. „Идејата за оваа композиција“, истакнува Пејовски, „е блесок, потполно ненадеен, а под силна импресија на постојаното повторување на зборовите ЕУ и НАТО кое достигна ниво на мантра, особено на овие простори“.
Мотивот ЕУ и НАТО, вели Пејовски, не е директна инспирација од дневната политика, туку инспирација од психолошкиот ефект на дневната политика врз луѓето. „Не сум политички конструктор, ниту политикант. Презирам политика, не гласам, не сум за ниедна политичка опција. Згрозен сум од фактот колку млади луѓе во државава се инволвирани во политиката. Тоа говори дека најголем дел од нив се воспитани во духот на конформизмот и секако говори за страв, но, не метафизички, туку страв од соочување со животот, немање преокупација и интерес за ништо, недостаток од фокус или љубов кон одредени, конкретни, или ако станува збор за уметност, апстрактни нешта, со други зборови, сиромаштво на духот. Ова, пак, е одлична база за било кој политички естаблишмент со партиска книшка да го искористи и узурпира“, вели Пејовски кој додава дека се функционира системски, дека верува во личност, а не во систем, во луѓе како Пикасо, Никола Тесла, Такемитсу, но не во ЕУ, КПЈ, ВМРО, СДСМ... „Ниту еден систем во историјата не се покажал како хуман и корисен, напротив, секогаш на крајот исходот е демагогија и изманипулирана толпа“, истакнува Пејовски.
Александар Пејовски, како што многумина го сметаат, е бескомпромисен уметник, посветен е и има голема страст спрема музиката, спрема она што е негова животна преокупација. „Омаж за учителите“ е насловено неговото следно дело, кое најверојатно ќе излезе во форма на ЦД, и кое ќе биде посветено на сите оние кои извршиле некакво влијание врз неговото творештво. Иако јавноста се уште го памети Пејовски по неговиот извонредно креативен албум „Змеј од хартија“ кој доживеа и концертна промоција, сепак, во моментов е актуелна и интригира политичката импликација во неговата најнова звучна творба, што за него е првпат, на така директен начин, да изразува незадоволство кон одредени состојби. Оттука неизбежни се и прашањата поврзани за неговиот став кон политиката, кон промените што се случуваат на културен план, кон промените што на Скопје му се случуваат.
Според Пејовски, во Македонија постои континуиран дисконтинуитет во културата и уметноста. А, тоа се должи на „големата дупка“ од почетокот до крајот на владеењето на отоманската империја кога запира културниот и уметнички прогрес во однос на Европа. „Прескокнавме важни епохи, барок, класицизам, романтизам..., започнавме со модерната во време кога таа беше на крајот, а кога веќе започна пост-модерната. Сосем нормално е да се појави синдромот на задоцнета еуфорија, фрустрација, страв и потреба од надокнадување на пропуштеното. Но, се прашувам дали е возможно да се надокнади и колку е тоа паметно сега во овој момент“, истакнува Пејовски.
На прашањето, дали постои градска култура, Пејовски бели: „Единствено нешто што ме плаши е токму недостиг од градска култура. Животот на Скопје е во рацете на феудалци, земјоделци на кои, како што вели Александар Станковски, јадењето и пиењето им се единствена забава и преокупација. ’FYROM Street‘ или поранешна улица ’Маршал Тито‘, веќе личи на шеталиштата во Претор, Асамати, Дојран... Гладните меанџии (родени уморни за естетика) контаминираат и узурпираат простор, време, место и мир, собирајќи околу себе по гладни од нив подлизурковци од околината на градов, кои цела сексуална енергија ја насочуваат кон цилиндри, ауспуси, спојлери и потенциометри на засилувач. На сето ова порано се смеевме кога по некоја случајност ќе заталкавме по периферијата на градов. Централното јадро требаше одамна да се сочува како и духот, бизнис комплексите требаше да бидат лоцирани на празните и пусти простори во котлинава (околу момин поток на пример), Дебар Маало да остане маало, Водно да остане зелено...
Скопје пати, пати од оние кои го мразат, а го искористуваат до последна педа земја“.
На крајот, повторно за Европа и прашањето, дали влезот во ЕУ конечно ќе ја подобри, или ќе ја измести сликата. „Европа со сиот свој уметнички и културен бекграунд, континуитет и личности, мајстори во уметноста, не ја доживувам како ЕУ. ЕУ е клуб од затворен или полузатворен тип. Постојат ноќни клубови, дури и во градов каде не може секој да влезе. Постојат и многу сојузи, здруженија каде сте или не сте член. Но, дали ако не сте член на Друштвото на ликовни уметници, значи дека не сте сликар? Верувам дека дури и да влеземе во ЕУ, сликата можеме да ја промениме исклучиво ние самите“, вели Пејовски. Тој додава дека е бесцелно да веруваме во лажни вредности, да чекаме влез во ЕУ, да чекаме промена на власт, а во меѓувреме сме потрошиле децении на чекање, офкање, кукање, улизување, на политичарчиња, без да сработиме нешто што можеби би придонело самиот ЕУ клуб да не моли да бидеме негови членови. „Не е целта да се трудиш да бидеш нешто што не си, напротив, да бидеш она што си и да стоиш зад делата и постапките со став. Пак ќе повторам, не верувам во политички систем, верувам во личност“.
|