Европа-Балкан
„Недофатливиот“ генерал
Иван Торов
Тринаесет години по геноцидот во Сребреница, меѓународната правда не е ни малку поблиску до главниот режисер Ратко Младиќ
БЕЛГРАД - Минатата недела беше одбележана 13-годишнината од геноцидот во Сребреница. Во Поточари дојдоа десетина илјади Бошњаци, нови 300 идентификувани жртви се погребани (досега вкупно околу 3.000), обновено е сеќавањето на 8.100 убиени за само неколку дена, на најголемото злосторство во Европа по Втората светска војна. Испратени се многу пораки на сите страни на светот, дадени се многу одговори, само една енигма чека расплет: зошто, и по 13 години, главниот режисер на сребреничкиот масакр, командантот на вооружените сили на Република Српска, генерал Ратко Младиќ, е далеку од полагање сметка за направеното злосторство.
Прашањето е испратено на разни адреси, од Бања Лука, преку Хаг и Брисел, до Вашингтон и Москва, а, токму, единствен вистински одговор се бара од една - белградската. Србија уште пред една и пол година е осудена од Меѓународниот суд на правдата во Хаг за кршење на Конвенцијата за геноцид, поточно што не го спречила злосторството (а можела), но ништо од сето тоа ни за педа не ја направи потрагата по "најбараниот обвинет за воено злосторство" поефикасна и поблиска до засолништето на Младиќ. Наместо "конкретни резултати", од Белград, главно, пристигнуваа пораки чија цел повеќе беше да се намали и релативизира значењето и дострелот на пресудата на судот за правда, отколку да го објаснат феноменот - зошто двоецот Младиќ-Караџиќ е недофатлив и кои се' (полу)државни структури се инволвирани во "патриотската" задача да се зачува, со заштита на бегалците, "мистеријата", дури и "легендата" за "херојското дело на двајцата најголеми Срби" во поновата српска историја. Тоа совршено се вклопува во официјалниот став на Србија дека - во името на "балансирањето на злосторствата на едната и на другата страна" - со години се избегнува донесување посебна резолуција за Сребреница и осуда на злосторствата, што, помалку или повеќе, срамежливо се реагира на секоја годишнина од масакрот, посебно во матрицата на српската националистичка интелектуална (делумно и политичка) елита дека во Сребреница "не се случило ништо страшно", се' до она најмонструозно барање - "Бошњаците да ги преселат своите мртви од Поточари, најплодната српска земја". Пред војната сребреничкиот крај беше населен со најголем број Бошњаци, а денес во самата Сребреница речиси и ги нема, додека градот и' припадна на Република Српска.
Митот за „недофатливиот“ генерал, кој со години мошне грижливо се негува, не е само индикатор за неподготвеноста на Србија да го "лоцира", уапси и предаде на Хашкиот суд, туку и обид со временска дистанца злосторството да се маргинализира, да се амортизира одговорноста на Белград поради тоа што ни по осум години од 5 октомври "не знае ништо за Младиќ". Под притисок на фактите, а пред се' повремените ултиматуми од Брисел, сепак, се признава дека генералот неколку години слободно шетал низ Белград и Србија, бил под заштита на воени структури, користел воени објекти, посетувал натпревари и свадби, се лекувал на ВМА, практично е реконструирано неговото движење се' до 2005 година. Тој можел да биде уапсен во секој момент, но тамошните политичари не го направиле тоа поради наводниот страв дека, по Милошевиќ, апсењето на Младиќ би можело да ја врати Србија на уште потврди националистички патеки...
Сега повторно, официјално, "ништо не се знае", ниту дали Младиќ е во Србија, ниту дали не е, дали можеби се крие во Русија, во грчките или српските манастири, дали можеби и понатаму е под некој вид заштита од „остатоците“ на паралелната власт во форма на воени и цивили тајни служби. Дали воопшто е жив, и ако е, во каква здравствена состојба е. Се распишуваат виртуелни парични награди за „информации“, повремено се организираат „показни вежби“ за лов на Младиќ во планинските терени или воени објекти, а всушност се' е пресметано за купување време за да се зацврсти впечатокот дека во српскиот државен и политички врв постои "политичка волја „соработката со Хаг да се приведе кон крај“, што значи да се уапси тројка Младиќ, Караџиќ и Хаџиќ, но Белград едноставно нема ниту елементарна информација. Односно, повремено „знае дека не е во Србија“, но „не знае каде е“, упорно се повторува дека војската и полицијата не го чуваат. Некои полагаат надеж дека претстојната смена на врвот на Државната безбедност (БИА) би можела да помогне да се добијат важни информации, но досегашното искуство покажа дека на тој план ни сега нема ништо радикално да се смени. На политичарите едноставно им е во интерес БИА да не се трансформира.
На дело е, би можело да се каже, своевиден парадокс: иако понатамошниот тек на европските интеграции на Србија е условен со апсење, пред се' на Ратко Младиќ (ССА и Преодната спогодба практично се суспендирани), и новата влада Цветковиќ (ДП) - Дачиќ (СПС) верува дека досегашната стратегија на одолжување повторно ќе даде резултати. Имено, се очекува веќе во септември да се надмине и ова искушение, односно „соработката со Хашкиот трибунал“ нема да се проценува според тоа дали преостанатите бегалци во меѓувреме се нашле во Шевенинген, туку според тоа какви официјални изјави ќе даваат политичарите. Повратниците на власт, социјалистите на Милошевиќ, како огорчени противници на Хашкиот суд, повторно ја враќаат на сцена тезата на Коштуница дека "соработката со Хаг мора да биде двонасочна", што, всушност, е еуфемизам за ставот дека треба да продолжи играта на развлекување и завлекување на меѓународната правда. Постои надеж дека последното апсење на Стојан Жупљанин (пред формирањето на новата влада), пристапот кон сведоците и архивата, но и „грижата на совест“ на меѓународната заедница поради ослободителните пресуди за Рамуш Харадинај и Насер Ориќ, ќе бидат доволни новиот главен обвинител Серж Брамерц идните месеци да напише поволен извештај за соработката на Белград со Хаг, и така Србија да добие отворен пат за „бел Шенген“, но и за статус на кандидат за прием во ЕУ.
Како повторно на дело да е „играта на нерви“. Додека Брисел, иако останува при ставот дека Белград мора да ги исполни своите хашки обврски, како да покажува замор и страв дека, ако премногу го затегне јажето, Србија ќе може да му излезе од контрола, "што би било многу лошо за регионалната стабилност", белградските официјални лица и понатаму играат на картата време и промена на околностите. Косово е речиси идеален изговор Хаг по којзнае кој пат да се истурка на маргините. Со други зборови, тешко е да се одбегне впечатокот дека, всушност, никому не одговара Младиќ и Караџиќ да се најдат во Хаг. Дали поради страв дека нивното сведочење би било незгодно и за меѓународната заедница, останува само да се нагаѓа. |