Треба да се прошири улогата на Генералното собрание на ОН
Време е за нов начин на размислување за нашата заедничка судбина, изјави Срѓан Керим во Торонто
Во Торонто, Канада, се одржа специјална вечера во чест на претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации Срѓан Керим, на која му беше оддадено признание за неговата работа во светската организација. На вечерата присуствуваа неколкумина канадски министри, македонскиот амбасадор Сашко Насев, истакнатите членови на македонската заедница во Канада, како што се Мајк Зафировски, Џон Битов и многу други.
Во обраќањето на овој собир, Керим зборуваше за улогата на Обединетите нации во глобализираниот свет. Пренесуваме дел од ова негово излагање:
„Генералното собрание е место каде што сите 192 земји-членки изразуваат свое мислење. Тоа, исто така, е тело кое води дебати и решава за ресурсите: оперативниот буџет на организацијата и, исто така, буџетите на различни мировни мисии. Тоа изнесува речиси 10 милијарди долари годишно - околу две милијарди долари за администрацијата на Секретаријатот, над седум милијарди за финансирање на мировните мисии на ОН во светот. Покрај тоа, Собранието ги одобрува буџетите на меѓународните трибунали, кои се околу 1,4 милијарди годишно.
Генералното собрание ја поставува и продолжува реформската агенда за целата организација: тоа ги опфаќа често дискутираната тема за реформа на Советот за безбедност и реформите за остварување поблиска координација меѓу бројните организации на Обединетите нации кои работат на развојот и хуманитарната помош низ светот“, изјави Керим.
Според него, во последните неколку години Генералното собрание добива позначајна улога со тоа што станува поактивно и релевантно. „Тоа, секако, беше дел од мојата цел како претседател - да ја искористам мојата моќ на убедување, да ги обединам земјите во светот да ги прифатат реалните предизвици со кои се соочуваме во денешниот свет.
Многу често внимание се посветува на Секретаријатот, предводен од генералниот секретар. Но, земјите-членки се тие во Генералното собрание кои ја одредуваат работата и ги обезбедуваат ресурсите - земјите, големи и мали, како што се Канада или Македонија, ги даваат наредбите за Секретаријатот, различните програми на ОН, фондови и организации и за самиот генерален секретар. Тоа е важен момент“, нагласи Керим.
Тој потоа зборуваше дека Советот за безбедност често пат�� е најзабележливиот орган на Обединетите нации. Советот за безбедност работи на мировни и безбедносни прашања. „Но, во нашиот глобализиран свет забележуваме реинтерпретација на безбедноста, што значи многу поопсежен и поширок пристап.
Светот не стои мирно, чекајќи на нас да ги доставиме нашите приоритети. Ни се спротивставуваат нови предизвици што ја тестираат, од друга страна, нашата заедничка решителност и приоритетите. Таков е случајот со глобалната криза со храната. Тоа е комплексен предизвик со свои аспекти за климатските промени, развојот и финансирањето, како и тест-случај за реформите, бидејќи повикува на итна, практична, ефективна и координирана акција на ОН.
Едно од моите силни верувања и ’оперативни принципи‘ е да се прошири работата на Генералното собрание, да се инволвираат недржавничките актери во нашата работа - да се внесе нивното учество не само како посматрачи во нашите дебати, туку како активни учесници во нашата потрага по практични решенија.
На пример, за време на нашата дебата за климатски промени, претприемачот сер Ричард Бренсон ги предизвика земјите-членки да создадат вистински воен простор за решавање на проблемот. Во истата дебата, актерката Дерил Хана го промовираше нејзиниот индивидуален пример за животен стил, пријателски ориентиран кон животната средина. Тед Тарнер се здружи со верските организации за да се создаде специјален фонд за борба против маларијата.
И најново, во нашата дебата за трговија со луѓе, актерката и филантроп Ешли Џад изнесе рационални насоки што значи за срцето и умот да се биде посветен на хуманитарно прашање.
Меѓутоа, реалната цел е да зајакнат самите Обединети нации. Поради тоа, им предложив на земјите-членки да се ослободат од идејата за ревитализација на Генералното собрание и наместо тоа, предложив да разговараат за улогата на Генералното собрание во зајакнување на системот на ОН“, нагласи претседателот на Генералното собрание на ОН.
Според него, мора да се започне со охрабрување на сите земји-членки на Обединетите нации да ги исполнат своите одговорности; со нагласување на меѓусебната зависност на сите земји; со признавање дека клучните прашања на агендата на Собранието не се за бројки, туку за луѓе; и со инволвирање на многу надворешни актери во работата на Собранието.
„Потребен ни е нов вид интернационализам што задоволува нов вид глобално општество - врз основа на принципиелен прагматизам и заедничката одговорност: нов начин на размислување за нашата заедничка судбина и нашите заеднички одговорности на начин што ги одразува комплексностите на современите човечки и економски односи. За да се случи тоа, верувам дека ни треба реална промена на нашиот начин на размислување“, рече во своето обраќање на специјалната вечера во Торонто претседателот на Генералното собрание на ОН Срѓан Керим. (Н.Р.) |