Дебатата за службениците стана многу жестока
СДСМ и ЛДП обвинија дека се прифаќаат амандманите само на владејачките партии
Светлана Унковска
Амандманската расправа за Законот за државни службеници на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците два дена по ред ја заострува атмосферата меѓу пратениците на власта и на опозицијата. СДСМ и ЛДП вчера обвинија дека се прифаќаат амандманите само на владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а оние на опозицијата се отфрлаат што, како што беше речено, само по себе, значи дека не се сака овој Закон да се донесе со консензус. И вчера СДСМ најави дека ќе биде воздржан околу Законот, со што веќе сериозно се проблематизира барањето на Брисел тој да биде донесен со консензус.
Опозицијата жестоко критикуваше дека власта не е подготвена да ја департизира и деполитизира администрацијата, а со последните отпуштања, што особено е изразено во образовниот сектор, се докажува дека никаков закон не може тоа да го смени ако не постои политичка волја.
Од ВМРО-ДПМНЕ протестираа до претседавачот на Комисијата дека социјалдемократите намерно водат непродуктивни дискусии, кои воопшто не се однесуваат на поднесените амандмани, и покрај тоа што и сами завчера реагираа за таквото изместување на расправата.
Се прошируваат надлежностите на Агенцијата за државни службеници, а се заоструваат санкциите за раководните лица, кои до неа нема да достават извештаи за работа. Владата ќе ги повика на политичка одговорност функционерите, дури и министрите, а тоа ќе следува и за неспроведување на принципот на соодветна и правична застапеност на заедниците. Собранието веќе нема надлежност врз директорот на Агенцијата и не ќе може да го смени во случај на негативен извештај. Одредбата со која се предвидуваше таквата можност со исти амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и НСДП се избриша од Законот. Против ваквото решение беше Роза Топузова-Каревска од ЛДП.
„Иако сум свесна дека ваквата одредба во нашата политичка констелација може да биде предмет на злоупотреба и најверојатно поради тоа се поднесени амандманите, во секој случај сум против тоа да се намалуваат ингеренциите на парламентот, кој ги разгледува извештаите и на други институции. Според што ќе цениме, ако не врз годишниот извештај. По тоа дали ни е симпатичен“, забележа Топузова-Каревска.
Најмногу полемики предизвика одредбата со која се уредува начинот на објавувањето огласи за вработувања.
„Дали мислите дека со институтот интерен оглас нема да предизвикате лавина од претставки пред Уставниот суд, поради тоа што сите граѓани ќе го немаат уставно загарантираното право на еднаквост да конкурираат за вработување“, праша Весна Бендевска од СДСМ. На иста линија беше и Роза Топузова-Каровска, според која јавниот оглас е најтранспарентен начин за вработување државни службеници. Сепак, најостра дискусија предизвика пратеничката на СДСМ, Радмила Шекеринска, која обвини дека ВМРО-ДПМНЕ ги пробива тестовите за да вработи свои луѓе. На ова Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ возврати дека тоа се произволни обвинувања, со кои се девалвира работата на Агенцијата за државни службеници.
Владо Бучковски, пак, побара парламентарното мнозинство да ги повлече амандманите што завчера ги прифати.
„Имате можност да го повлечете вашиот катастрофален амандман, со кој направивте папазјанија и сега никој не знае кој ќе има статус на државен службеник, освен Владата“, реагираше Бучковски на амандманот, со кој државниот службеник ќе се уредува со посебен акт. Бонева рече дека тој амандман е на инсистирање на опозицијата, односно од стравувањето за партизација на Агенцијата, но и од барањето за јакнење на независноста на оваа институција.
За вчера попладне се очекуваше да почне и амандманската расправа, која се однесува на статусот на државните секретари. |