Кој го мерка земјиштето на клинички
Здравството тоне, нема потреба од проект вреден половина милијарда евра
Јасмина Јовановска
На македонското здравство му треба нов клинички центар, а не мегапроект, кој ќе чини околу половина милијарда евра. Вака размислува поголемиот дел од медицинската фела, што се собра вчера на заедничка маса да го каже своето мислење за проектот „Нов клинички центар“, што го обелодени пред два дена Министерството за здравство. Тие уште прашаа што ќе се прави со болните додека се изгради новиот клинички центар, се ветува дека ќе се реновираат и опремата на клиниките, а од тоа нема ништо.
Во услови кога здравствената каса е во се' поголем минус, не е потребен толку скап проект, сметаат клиничките професори. „Не сме толку богати, со 265 милиони евра во здравствената каса сега да градиме и нов клинички центар, кога во градот има три болници, родилиште и болница во Козле. Клиничкиот центар може да ��иде долгорочна цел за здравството, кога на пример ќе имаме 1,5 милијарди евра, а краткорочна, Воената болница е место за нов клинички центар“, смета Милчо Пановски, дигестивен хирург.
И бившиот министер за здравство д-р Ѓорги Оровчанец е на мислење дека поевтин проект за нов клинички центар ќе биде Воената болница. „Како министер, моја идејата беше клинички во Воената болница. Во кругот на болницата има и маркички за градење, сега едната е дадена на д-р Митрев. Но, оваа локација заедно со објектот од поликлиниката ‘Букурешт‘ се идеални за нов клинички центар“, објаснува д-р Оровчанец, кој додава дека секогаш е поевтино кога одново се гради. Но, Оровчанец е за поитна реализација на нов клинички центар, бидејќи постојниот е во распаѓање, или болните ќе почнат за лекување да одат во странство.
Со сличен став е и Весна Велиќ-Стефановска, претседателка на Здружението на правата на пациентите, која праша што ќе се случи во меѓувреме додека се гради новиот клинички центар. „Не смее да се случи клиниките да станат парцела за гробишта“, укажува д-р Стефановска и додаде дека мора нешто да се стори за да се стопира распаѓањето на клиниките и одливот на кадарот зашто ќе нема кој да работи.
„Без јасни критериуми со кои нема да се наруши позицијата на лекарите и пациентите, не смее да се оди на нов клинички центар“, беше категоричен д-р Владимир Борозанов , претседател на Лекарската комора.
Проблемот за распаѓањето на клиниките, д-р Снежана Накова, претседател на Стоматолошката комора го лоцира во партиските вработувања. „До распаѓање на клиниките дојде поради превработеноста и поставување на неквалитетни и некомпетентни лица на одговорни места“, рече д-р Накова.
„Реформите во клинички се сведоа само на менување на имињата, се' друго остана да функционира по старо“, потенцира првиот човек на Клиничкиот синдикат, д-р Дејан Ставриќ, кој праша дали вредноста на парцелата каде што се клиниките е причина што не се прават промени на клиниките.
Ексзаменик-министерот за здравство, Владимир Лазаревик, кој е за нов клинички центар, го загрижува тоа дали ќе се реализира проектот. „Да не се случи истото и со новата гинекологија, која со години се гради, а уште не е во функција“, посочи Лазаревик.
Андреј Петров, пак, презентира поевтин проект за нов клинички центар од околу 80 милиони евра, кој ќе се изгради за четири години, или тоа е за околу една третина од парите за проектот „Скопје 2014“. „Не е битно чија е идејата, битно е да се започне да се гради“, вели Петров.
Пред два дена, министерот Османи презентира физибилити студија за нов клинички центар во Бардовци, крај Скопје, кој од првичните 200 милиони евра, стаса до 350-400 милиони евра. |