За Шангајската листа ни требаат нобеловци
На Шангајската листа убедливо води прочуениот универзитет Харвард од САД
Билјана Јовановска
Може ли застапеноста на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ на Шангајската листа да биде издржана причина за расцепкување на најстариот државен универзитет? Според министерот Никола Тодоров, не се работи за делење или распрачување на УКИМ, туку за реорганизирање на начин што ќе го направи пофункционален. Името, вели, би останало непроменето, а Универзитетот би се поделил на пет помали - за технички, односно политехнички науки, за општествени, природни и медицински, за уметности и за биотехнички науки.
Деканите што ја сочинуваат Ректорската управа ја нарекоа идејата на министерот смешна и му порачаа дека тоа е елементарно непочитување на работите. Бидејќи никој не оди кон раситнување на универзитетите, туку на спојување и окрупнување под мотото „Силни универзитети за Европа“.
Што е фамозната Шангајска листа? Таа е само една од повеќето листи во светот за рангирање на универзитетите, формирана пред седум години, но далеку од тоа дека е најрелевантна и најдобра. На нејзиниот список се сите универзитети од светот, но рангирани се само првите 500. Интересен е податокот дека државниот Љубљански универзитет е единствениот рангиран од нашето опкружување и тој неколку години е блиску до 500. место, а колку за споредба, Московскиот државен универзитет е 74.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на оваа листа, за жал, многу тешко ќе се најде меѓу првите 500, бидејќи критериумите за рангирање за нас се далечни. Дури 30 отсто од вкупно 100-те бода за еден универзитет да се најде на Шангајската листа „одат“ на пресметување врз основ на бројот на нобеловците од институција. На Скопскиот универзитет не работи ниту еден Нобеловец ниту, пак, некој негов дипломец го добил оваа престижно признание.
Покрај Шангајската листа во светот постојат уште неколку системи на рангирање - Тајванско, Вебометрик, Тајмс, Лиден и сите имаат различни критериуми, а во изработка е и Европска листа. Дали Шангајската листа на светски универзитети ќе биде релевантна и за 5 до 10 години, период што министерот Тодоров го посочи како, според негово мислење, реален за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да се најде на неа никој не може да прецизира. Оттаму, зачудува и спомнувањето на Шангајската листа како една од причините нашиот најреномиран универзитет да се раздели на пет помали.
|