Стабилизирано снабдувањето со струја
ТЕТОВО - Снабдувањето на Тетово и на регионот со електрична енергија е стабилизирано. Откако екипите на МЕПСО по 24-часовна работа успеаја да го отстранат дефектот на далноводот Вруток-Полог-Тетово, струја добија сите потрошувачи од тетовскиот крај во доцните вечерни часови во вторникот. Дотогаш парцијално се пушташе електрична енергија во населбите и во стопанските капацитети.
Сепак, немањето електрична енергија најсериозно е почувствувано во Клиничката болница. Според директорот д-р Атила Реџепи, околу 300 пациенти во одделенијата на болницата биле изложени на ризици. „Проблемите особено се почувствуваа во одделенијата за дијализа, за хирургија и во Инфективното одделение. Агрегатите не се оспособени да надоместат толку долг временски недостиг од струја“, рече д-р Атила Реџепи. (Г.Е.)
|