За Полог ни заштита ни пари
Со ветувања не се санираат куќи, штали, механизација
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Шестотини домаќинства со 2.300 жители, колку што има во трите села во Долнополошкиот крај - Раотинце, Туденце и Копанце, ниту се заштитени од водите на Вардар, кои често се излеваат од коритото, ниту, пак, се обесштетени по поплавите од април и од мај годинава. Во ова подрачје, особено по посилни врнежи, Вардар редовно поплавува околу 300 хектари најплодно земјиште, а најголемите проблеми се во атарот на Раотинце. Најтешко е тоа што голем дел од семејствата не можат да живеат во своите куќи. Но, се случува и друго. Нивите остануваат необработени поради тоа што водата ја поплавува земјоделската механизација.
И жителите од погорното село Туденце не се раат, бидејќи водите од Вардар преку песокливата почва навлегуваат во подрумските и во приземните катови на многу куќи. Зголеменото ниво на Вардар предизвикува проблеми и в�� Копанце каде што се поплавуваат куќи и земјоделско земјиште.
Доброупатените од Долни Полог тврдат дека секоја поголема поплава причинува материјална штета од најмалку еден милион евра. Проблемот што го создаваат надојдените вардарски води лично го согледа премиерот Никола Груевски и неколкумина министри. Но, таа грижа се сведе само на ветувања, дека ќе направат се' за да го заштитат населението од погодените села, а со проект за регулација на Вардар, подготвен уште во далечната 1974 година. При посетата на Јегуновце во саботата премиерот најави дека во наредната година ќе почне реализација на оваа замисла затоа што била согледана потребата за регулација заради одбрана од поплави. „Преку надлежното Министерство ќе се издвојат 20 милиони денари. Проектот ќе се реализира за неколку години, бидејќи се потребни поголеми средства“, рече Никола Груевски.
Ако се споредат штетите од секоја поплава, еден милион евра и парите од државата, триста илјади евра, тогаш станува јасно колкава е загриженоста на државата.
За претседателот на Советот на МЗ Раотинце, Ќирко Масевски, ветените финансии за регулација на Вардар се смешна сума. „Со ова не може да се купи ниту една машина, а не, пак, да се почне нешто позначајно. Целиот проект чини околу 6 милиони евра, а секоја поплава причинува штета од еден милион евра. Каде е сигурноста на жителите, кој им го гарантира опстанокот?“, прашува Масевски. Тој додава дека нивите во Раотинце и натаму се под вода уште од пролетта. Според Масевски, есенва повторно ќе имаат големи проблеми, особено со најавите за поголеми врнежи. Истото мислење го има и Али Вејсели, прв човек на Месната заедница од соседното Копанце. Масевски и Вејсели велат дека летово коритото на Вардар било исчистено од дрва и од други наноси што направиле вистински речни брани. И двајцата тврдат дека населението се' уште чека на парите иако помина половина година од големата поплава.
„Надлежна комисија неколку дена крстосуваше по нивите и утврди дека штетата од поплавите изнесува околу 18 милиони денари. Но, земјоделците не ги добија ветените пари“, истакнуваат претседателите на месните заедници во Раотинце и во Копанце.
Прашањето за обесштетувањето и кога ќе стигнат пари за штетите во поплавите стигна и до претседателот на Владата, но Груевски избегна одговор. |