Смешно е да се двои кој е Македонец, а кој не е
Викторија Соколовска, која живее во Австралија, е автор на првото електронско археолошко издание во земјава
Катерина Богоева
Археологот Викторија Соколовска, авторката на првото електронско археолошко издание во земјава, книгата „Античкиот град на Исар-Марвинци, Валандово “ што неодамна ја издадоа веб - порталот „Порта археологика“ и фондацијата „Метаморфозис“, веќе десет години живее во Австралија. Соколовска, која вршела теренски археолошки истражувања на речиси сите археолошки локалитети Македонија е родена во 1931 година во Сјеница, Србија. Дипломирала на Филозофскиот факултет - група археологија во Белград, а во Скопје, каде минала гол��м дел од животот, сеуште често доаѓа. По студирањето работела во Археолошкиот музеј на Македонија, а од 1991 до 1995 година беше и директор на Музејот на Македонија. Летово присуствуваше и на промоцијата на својата прва електронска книга која претставува културно - историски осврт, резултат од нејзиниот реализиран научен проект за долината на Вардар во првиот милениум пред н. ера.
На археолошки локалитет Исар Марвинци, познат по вредните наоди, по дивите копања и по истражувањата кои со голем интензитет се реализираа во изминатите неколку години, таа работела дваесет години. И припаѓа на првата генерација археолози кои по Втората светска војна се занимавале со археолошка наука.
„Кога започнавме со истражувањата, познававме некои делови од земјава кои и претходно беа истражувани, меѓутоа Повардарјето за нас претставуваше тајна. Не знаевме што таму се случувало пред доаѓањето на Римјаните на овие простори, а нашиот интерес за Исар кај село Марвинци, произлезе од постоењето на еден натпис на локалитетот кој што нудеше податоци за година на настани. Првите ископувања ги започнавме во 1976 и 1977 година на тема „Долината на Вардар во првиот милениум пред н.ера“, најнапред во Гевгелија, на некрополи од т.н. постаро железно време. Се покажа дека беа полн погодок, бидејќи откривме некропола со исклучително значајни наоди кои пред тоа воопшто не беа ни објаснети. Исар Марвинци започнавме да го ископувавме следната година но, за жал продолживме со големи прекини и со многу мали средства. Но, и покрај тоа, драго ми е што помладите археолози и по моето пензионирање, продолжија да го истражуваат локалитетот и што дојдоа до мошне важни резултати“.
Покрај нејзиниот континуиран музејски ангажман, преку теренските истражувања во кои учествувала како член или како раководител на стручни екипи, самостојно и како носител на поголеми научно-истражувачки проекти, Викторија Соколовска особено внимание му посветила на расветлувањето на историјата на Пајонија. Го покренала одново прашањето за територијалната распространетост на пајонските племиња од нивната појава во историските извори, па до крајот на постоењето на пајонската самостојна држава. Автор е и на околу шеесетина научни трудови во домашната и странската археолошка периодика. Во книгата поставена на Интернет што може да се преземе од веб - порталот „Порта археологика“ и од веб-страницата на „Криејтив комонс“ и која се очекува да добие и англиска верзија, таа меѓудругото ја решава и долгогодишната енигма, дали Добер или Идомене е градот што се наоѓал на Исар Марвинци.
„Во 1984 година ние откривме еден натпис со текст од двете страни на правоаголна плоча општетена во долниот дел, на чиј еден дел стои испишано дека од Идомене до Добер има 20 стадија. Плочата е наречена стадион - патоказ кој ги информирал луѓето што излегувале и влегувале во градот, но нејзиното откривање не беше сигурен доказ кој од тие два града всушност се наоѓа на Исар Марвинци. Јас анализирав многу информации од изворите, комбинирани со резултатите од нашите истражувања и ситуацијата од теренот што ја имаме и дојдов до заклучок дека станува збор за Добер. Градот Идомене пак се наоѓал од другата, западната страна на Вардар, каде е Гординија и други градови со критски аналогии што припаѓаат и на друга област“. Соколовска потенцира дека пајонскиот град Добер е мошне значаен бидејќи во него со голема војска се стационирал тракискиот цар Ситалк во 429 година пред н.е, при тргнувањето во поход против Македонија. „Во изворите Добер е познат и како град од каде потекнуваат девет преторјанци, млади луѓе во елитната царска римска војска, што би рекле денеска, назначени по име и презиме“, рече.
Посочи и дека со големо задоволство ја прифатила понудата на помладиот колега археологот, Горан Санев, книгата што ја подготвувала, наместо да биде отпечатена да биде издадена по електронски пат. „На овој начин, таа може да му послужи на секого кој е заинтересиран да ја прочита, без разлика дали се работи за стручно лице или за некој што сака да дознае нешто за минатото“.
Запрашана за соработката со помладите колеги од земјава во врска со истражувањето и презентирањето на откриените резултати, рече: „Мислам дека младава генерација е малку повеќе самоуверена од што треба да биде. А треба малку повеќе да се потпира на резултатите од претходните генерации. Но, сепак меѓу младите колеги има и такви кои ми приоѓаат и сакаат да чујат нешто од мене, да ми покажат што откриле, да видат дали можам да им помогнам, да ги насочам во нешто. На некои и јас самата им сугерирам што да прават. Новите истражувања даваат нови резултати, а археологијата е дел од мојот живот. Не можам така лесно од неа да се одрекнам, со тоа живеам. Тоа ми е лична преокупација, покрај семејството кое е на прво место“.
За актуелниот период на интензивно занимавање со антиката во земјава, Соколовска очекувано, имаше свое мислење и став.
„Науката не би требало да влијае врз политиката и обратно, бидејќи ако ние научниците водиме политика, еден ден или ќе бидеме смешни или ќе бидеме осудени. А тоа не е добро. Не би требало политичарите да се бават со наука, но за жал, во даден момент ги користат нејзините елементи. Антиката е дел од минатото во која и ние како наша земја, Република Македонија сме учествувале. Се она низ што поминувала земјава е дел од нашето минато, но не можеме да го избришеме, не можеме да му дадеме друга димензија, туку онаа каква што е. Како Македонија имаме право така и да се нарекуваме, Македонци, а тоа право никој не може да ни го оспори. Се знае дека Александар Македонски не е Грк, иако ја ценел грчката култура, што е неоспорно. Тоа историјата го знае. Античка Македонија опфаќала дел од денешна Македонија и тоа многу добро се знае, стои и во сите публикации од историјата на стариот век, па дури и од археологијата. Како археолози во текот на нашите истражувања секогаш сме морале да даваме уводен дел и да кажеме во кое време овие наши простори припаѓале на Пајонија, кога Античка Македонија се раширила и кога ги опфатила и овие предели, кои делови од Република Македонија и припаѓале на Дарданија или на Тракија и т.н.
Тоа се работи што треба да се знаат и да не се користат во политички цели. Но, ние имаме и своја праисторија и своја историја и тоа треба да се прифати. Не може ништо да се издвојува и да се користи во незнам какви цели, како на кого му одговара во дадениот момент. Ние сме народ кој поминал низ разни периоди во тек на историското минато од праисторија, антика , среден век, периодот на Словените и т.н. Тоа не е едноставна работа и не може сега да се издвојува овој е Македонец, а оној не е Македонец. Тоа се смешни работи“.
За Викторија Соколовска Австралија не е привлечна земја од археолошка гледна точка. Австралијанците ги опишува како многу сериозен народ, кој кога нешто проучува тоа го прави од корен. „Тие се големи патриоти, ентузијасти се. Ако им се побара помош за волонтирање во одредени ситуации, масовно се јавуваат, пожртвувани се за својата земја. Таму немам многу контакти со археолози, освен кога пред неколку гостуваше изложбата на теракотните икони од Музејот на Македонија во градската галерија во Вулогонг. Тогаш бев присутна за цело време и чувствував респект од страна на организаторите и посетителите, бидејќи знаеја дека сум археолог што работел во Македонија“. |