Фото-изложба „Два/2“ во општина Карпош
Фотографот на „Фокус“ Томислав Георгиев е добитник на првата награда за „Слобода“
Катерина Богоева
Томислав Георгиев, Мартин Димитриевски и Ана Андоновска се првите тројца наградени фотографи, чии фотографии, под шифра „Слобода“, „Лена“ и „Фелти“ се избрани за најдобри на годишниот конкурс за фотографија кој на тема „Два/2“ го организираше скопската општина Карпош.
Трите фотографии се презентирани во рамките на неделава отворената изложба во еден од ходниците на општинската зграда, заедно со останатите селектирани 27 фотографии, од вкупно 150 пристигнати. Селекцијата ја вршело жирито составено од еминентните познавачи на уметничката фотографија: фотографот Роберт Јанкуловски, ликовната уметница Жанета Вангели и историчарот на уметност Валентино Димитровски. „Навистина сме горди на фактот дека и на овој начин придонесуваме за развивање на креативните идеи кај граѓаните и фотографската фела, како кај аматерските и професионалните фотографи во Карпош, така и низ целата држава“, изјави секретарот на општината Владо Поповски.
Првонаградениот Томислав Георгиев, уредник на фотографија во неделникот „Фокус“ за наградената фотографија што ја снимил пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ пред 5, 6 години, вели дека предизвикува голем интерес кај оние што ја виделе и „емоции на слобода, радост“. „Поради детето кое трча на една страна како и самото да е во лет, и птицата што пак лета на обратната страна.“
Историчарот на уметност Валентино Димитровски е задоволен што жирото успеало да направи избор од „навистина коректни фотографии“, имајќи предвид дека како што рече, станува збор за конкурс на кој учествувале фотографи - аматери. „Првонаградената фотографија и уште неколку се навистина добри остварувања. Ова е успех, со оглед дека конкурсот не е организиран од професионална институција која се бави со медиуми и фотографија. Меѓутоа, во иднина би требало да се побара подобар простор за презентација, а и годишната изложба да биде ревијална“. |