Инфлацијата во септември се искачи до два отсто
Во септември почна бранот поскапувања, а тоа го регистрира и Статистика. Нејзините анализи покажуваат дека во септември трошоците за живот во однос на истиот месец минатата година бележат пораст за два процента, додека споредени со тие во август се зголемени за 0,1 отсто. Цените на мало во септември во однос на тој месец лани се зголемени за 2,5 отсто, додека во однос на август годинава останале непроменети.
Порастот на трошоците за живот во септември годинава е резултат на повисоките цени на мастите за 11,1 проценти, кондиторските производи за 1,7 отсто, јајцата за 1,6 отсто, производите од жито за 0,8 отсто, месото за 0,6 отсто, свежото и киселото млеко и млечните производи за 0,5 отсто, преработениот и конзервираниот зеленчук за 0,2 процента и други производи за 1,1 отсто. Во септември е регистриран и пораст на трошоците за живот кај станбените услуги за 2,9 отсто, услугите за нега и хигиена за 1,8 отсто. Намалување на трошоците за животот во септември во однос на август е забележано кај овошјето за 2,1 отсто, преработките од месо за 0,7 и преработеното овошје за 0,2 процента, како и кај услугите за образование за 6,7 проценти и ПТТ-услугите за 1,8 отсто.
Потрошувачката кошница за исхрана и пијалаци за четиричлено домаќинство во Македонија, пресметана врз основа на цените на мало, во септември годинава изнесувала 12.037 денари �� во однос на август е повисока за 1,2 процента. (Ек.Р.) |