ЕДИТОРИЈАЛ
Изборен терор
Оливера Војновска
Што ли ќе се случува до изборите, но и на самиот ден на гласањето кога кампањата стартуваше со пукање во автомобилот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, настан што тој самиот го оквалификува како обид за атентат?
Никогаш во Македонија антагонизмот меѓу партиите на Албанците не бил толку силен, како на овие предвремени парламентарни избори. Инциденти и насилство имало на сите досегашни изборни соочувања, но овој пат се случува вистински изборен терор. И тоа во почетокот на кампањата, за која се остварија прогнозите дека ќе биде експлозивна. Секојдневно се случуваат по неколку инциденти што ги засенија изборните митинзи. Никој веќе не ги слуша пораките што се испраќаат од партиските собири. Повеќе се слушаат пораките на оружјето и на насилствата, а луѓето се загрижени.
Без разлика што од ривалската ДПА има обиди инцидентот во Раховец да се минимизира, несомнено се работи за многу сериозен настан, што може да влијае на натамошниот тек на кампањата и на изборниот процес. Одгласот се почувствува веднаш. Вчера во Тетово симпатизерите на ДУИ имаа митинг. Во знак на солидарност не работеше општинската администрација и училиштата во средините во кои локалната власт ја има ДУИ.
Најмалку што треба во оваа чувствителна ситуација е МВР да се држи до формата дека „Ахмети самиот не пријавил обид за атентат, туку градоначалникот на Боговиње пријавил дека е пукано во возила“. Не може по ваков тежок инцидент, во кој главната цел бил лидерот на најголемата опозициска партија во албанскиот блок, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска воопшто да не се појави. Неразбирлива е ниту рамнодушноста на премиерот Никола Груевски. Груевски вчера ги осуди изборните насилства, но не даде некакво посебно значење на инцидентот со Ахмети. Така, неговиот настап доби декларативен призвук.
А, дека инцидентот не смее да се маргинализира доволно говори фактот што експресно се огласија дипломатите. Од Претседателството на Европската унија и од американската амбасада вчера најостро ги осудија серијата инциденти што се случија во изминатите неколку дена. Странските претставници по којзнае кој пат ни порачаа дека за насилството нема место во изборната кампања и ги повикаа властите да ги истражат инцидентите и да ги казнат извршителите. Укажувањето на дипломатите е многу експлицитно: „да не се ризикува иднината на земјата со оглед на тоа што одржувањето фер и демократски избори се наметна ��ако деветта задача за добивање датум за преговори со ЕУ“. Претседателот Бранко Црвенковски ги повика раководствата на ДПА и на ДУИ да се соочат со својата одговорност и да ги смират тензиите меѓу нивните активисти, а од МВР побара брзо и ефикасно откривање на предизвикувачите на инцидентите и поведување соодветни постапки. Се огласи и албанскиот премиер Сали Бериша, кој го осуди „оружениот напад врз лидерот на ДУИ и го оцени како тежок инцидент чија цел е да ги наруши мирот и стабилноста“.
Премногу очигледно е дека некој, всушност, посакува проблематични избори, што се закануваат да и' нанесат огромен срам на Македонија и да ја наредат на листата на најнедемократски општества. Но, какви намери да имаат инспираторите на ваквите сценарија, јасно е дека не и' мислат добро на државата, доколку воопшто ја чувствуваат како своја. За ниту еден мотив, личен или партиски, не може да се најде апсолутно никакво оправдување ако е на штета на сопствената земја.
Затоа, власта, а особено ВМРО-ДПМНЕ, мора да спроведе нормални и фер избори и да им дозволи на граѓаните достоинствено да излезат на гласање. Оваа партија, независно од тоа како котира во анкетите на јавното мислење, треба да покаже доблест и да го почитува правото на сопствениот народ да одлучи на кој ќе му ја даде довербата. Овие избори за неа се одлична можност да покаже дека државата ќе функционира во вистинската смисла на зборот на целата територија. Дека и во изборните единици, кои условно кажано се под контрола на сопартијците на Тачи и на Ахмети, гласачките кутии ќе ги полнат избирачите, а не партиските војници на ДПА и на ДУИ. |