Кич-митологии
Машина или организам?
Венко Андоновски
За разликата меѓу гласачкото тело и гласачките машини и за последиците од воздржувањето од гласање
Почнаа. Карвани, митинзи, или со партиски жаргон речено – „обработка на гласачкото тело“. Во една варијанта, тој партиски сленг говори за „тело“, а во друга варијанта за „гласачка машина“. Тие две нешта се целосно различни, иако обичните лаици (во кои спаѓам и јас) не ги разликуваат секогаш. Разликата, меѓутоа, е битна затоа што води кон две сосема различни стратегии за добивање на изборите.
Стопати досега е напишано, не само од мене туку и од други, поумни: и да не се занимаваш со политика, таа ќе се занимава со тебе. Ниедна друга област нема такви агресивни аспирации да те припитоми и да те стави во „стадото“. Црквата не ги пребројува своите верници за да победи друга вера; ниедна наука не ја мери својата сила според бројот на нејзините поклоници, туку според научните достигнувања. Политиката тука е единствена според желбата за присвојување субјекти и нивно претворање во објекти, односно – цифри. Човекот се опредметува, станува глас, односно неговиот идеолошки еквивалент се сведува на едно парче хартија кое се вика гласачко ливче. Успехот на една партија на изборите се смета според бројот на опредметените луѓе во ливчиња: на тоа доброволно се согласуваме, се разбира во име на општото и лично наше добро, и во тоа нема ништо – лошо (затоа што кратко трае). Едноставно, тоа се правилата на игра во политиката и „анатомијата“ на демократското одлучување за иднината на земјата.
Но, со години наназад, во онаа формулација „гласачко тело“, под што се подразбира потенцијалниот број на сите гласачи (луѓе кои имаат право на глас), се „всадува“ еден друг термин, кој и според потеклото на својата реторика драстично ја менува сликата на демократската процедура на избирачкото право. Имено, станува збор за терминот „гласачка машина“, под што се подразбира сигурен квантум на однапред добиени гласови. Машината е нешто директно различно од телото: таа е механизам, а второто – организам. Машината е предвидлива, организмот – не, како што е впрочем и во реалниот живот. Ако добро ја сервисирате машината, нејзините операции ќе бидат предвидливи; крајна цел на машината е да произведе определен производ. Телото, односно организмите се многу покомплицирани: нивната смисла не се исцрпува во ед��а функција и тие немаат само една, употребна вредност. Така, под „гласачка машина“ секоја политичка странка (партија) си ги подразбира своите членови, оние на кои сигурно може да смета, односно да ги засмета како однапред познати резултати. Таа партиска гласачка машина е само дел од целото избирачко тело, и кај неа целосно се исклучува правото на избор и правото на изразување лична волја на гласачот при изборите. Откако точно ќе го избројат бројот на завртките и запчениците на таа машина, партиите веќе имаат претстава за својата сигурна сила на претстојните избори: тоа е „кубикажа“ на машината која не варира повеќе од + или – 1 отсто. Таа „сигурност“ што и' ја дава гласачката машина на секоја партија се обезбедува со редовно „подмачкување“ на запчениците (во сленгот се' уште постои терминот „да се подмачка“ некој, со значење – да се купи или поткупи): запчениците и нивните семејства се вработуваат, им се ветуваат извесни привилегии или места во идниот систем, им се определува цената, со нив се прави пазарење. Партиите се еден вид микрокапиларна пракса во општествата, која пробива и до најситните запченици: на најситните делови на таа и таква гласачка машина и' се ветува можеби и некоја минорна привилегија (на пример, да се стои до водачот на митинзите, или некој да вее знаме во првите редови, кои ги „лови“ камерата), но за тој ситен запченик и тие мали привилегии изгледаат големи. Колку е посиромашна личноста, толку повеќе малата привилегија во нејзините очи станува - џиновска.
Природно, при таквата поставеност на нештата, партиите посегнуваат по непознатиот, помалку предвидлив дел од гласачкото тело – оној што останува кога од него ќе се изземе машината. Тоа се традиционално оние гласачи кои во анкетите и партиските процени се именуваат како „неопределени“, и се разбира, оние кои му припаѓаат како гласачи на „противникот“. Се смета на тоа дека првите полесно ќе се привлечат како гласачи одошто вторите, иако не е непознат случајот да има и „незадоволни“ кои ја менуваат „страната“. Но, најважен, можеби и пресуден дел од гласачите се токму – неопределените, оние кои обично во анкетите велат дека нема да гласаат или дека не знаат за кого ќе гласаат. Тие се малку „пософистицирани“ за „обработка“ (грозен термин!), затоа што одбиваат да бидат дел од гласачката машинерија, најчесто под она образложение кое веќе станува рефрен: „Ни едните, ни другите не го заслужуваат мојот глас“. Со сета почит кон таквата „висока“ филозофија на персоналитетот, јас на нив сепак гледам како на еден вид кусогледи егоисти. Сигурно е дека никој не може со сила некого да принуди да излезе и да гласа, но таквата „ни-ни“ позиција воопшто не е знак на морална и интелектуална супериорност, туку станува реална опасност за вовед во диктатура и постојано владеење на една иста политичка сила: онаа што има поголема гласачка партиска машина. Се' додека „неопределените“ одат на излет на денот на изборите, се' дотогаш тие овозможуваат и манипулации со нивниот глас: теориски е можно нивното „празно“ место на избирачкиот список да биде пополнето со изборна измама. Велам, теориски тоа е можно; а штом нешто е теориски можно, постои извесен пробабилитет да се случи тоа и во практиката.
Затоа, јас сигурно ќе го искористам своето право на глас. Нема да дозволам мојот глас да го земе некој друг, ниту пак отсуството на мојот глас да и' обезбеди комотна работа на некоја партиска машинерија. Мојот глас, доколку го дадам, може да биде зрно песок кое ќе ја забави работата на запчениците во перфектно наштелуваната машинерија. Подобро и тоа, одошто да го слушам монотониот звук на машината што меле човекови личности како машина за мелење месо и од нас прави – идеолошки плескавици.
Затоа, сите на гласање!
(Авторот е професор на Филолошки факултет) |