И нашите се запалија по романтични венчавки
Многу двојки веќе склопуваат брак на разни романтични места на отворено, но досега надлежните не чуле за тоа
Маја Томиќ
Младите стануваат се' поромантични. И помодерни. Сакаат венчавки под ведро небо, на сонце, крај вода, на брод, во музеј, на ливада и каде уште не. И не само што сакаат, туку и го прават тоа. Повеќето, горе-долу, разбрале дека досегашните законски решенија наскоро ќе се менуваат, па предвреме навалија на венчавките на отворено. Во последниве месеци тие станаа вообичаена практика. Многу млади двојки избираат некое убаво, за нив романтично местенце, ги покануваат најблиските, договараат да дојде и матичарот и ја тераат целата церемонија на впловување во брачните води.
Што за младите претставува венчавката на отворено? Една млада двојка го пренесува своето искуство, при што потенцира дека излегувањето од класичното клише придонело тие моменти да бидат посебни за нив. „Главната идеја произлезе од сопругата, таа сакаше венчавката да биде поразлична од традиционалните во матичното. Со оглед на тоа што беше извесно дека свадбата ќе ја правиме во Струга, одлучивме тоа да биде крај Охридското Езеро. Амбиентот во дворот на манастирот ’Св. Богородица‘ во Калишта изгледаше доволно примамлив да решиме венчавката да се одржи таму. Претходеа темелни подготовки. Сопругата се погрижи за суптилната декорација на просторот, направи интересен избор од школки, морски ѕвезди, свеќи и бели рози. Мои беа административните работи. Испратив писменото барање до Управата за водење матична евиденција за да ни се овозможи чинот на регистрација да го направиме надвор од вообичаените простории, каде што се одвиваат најголем број регистрации на бракови. Добив позитивен одговор“, ни изјави еден донеодамна популарен македонски ерген, кој сакаше да остане анонимен.
Тој додава: „Тоа беа моменти што вечно ќе ги паметиме. Во амбиентот исполнет со тишината на мирното и сино езеро и продуховеноста на манастирот ’Св. Богородица‘ прво го склучивме граѓанскиот брак пред матичарот, на маса декорирана со бел свилен чаршаф, на која беа распослани бели рози. Веднаш потоа во црквата следуваше венчалната церемонија пред Бога“.
Првичната идеја, според нашиот соговорник, била севкупниот настан и веселбата потоа да се одржат крај езерото, но поради непредвидливоста на временските услови паднала одлука да се слави во хотелот „Дрим“. Младите одлучиле во свадбената церемонија да вклучат неколку нетрадиционални новитети што придонеле свадбата да излезе од вообичаената шема. Бил направен добар избор на музика за сите генерации на гости, кои биле видно расположени кога заминувале.
Сите што присуствувале на вакви и слични венчавки коментираат дека е тоа убава и интересна новина во животот.
Сепак, некои го поставуваат прашањето дали венчавањето на отворено во овој период е целосно во легални рамки, со оглед на фактот дека се донесени законските новини што го дозволуваат тоа, но не се применливи без правилникот, кој, пак, се' уште е во изработка.
Матичарите, кои ги извршуваат овие венчавки, децидно избегнуваат да кажат макар и еден збор за ова и упатуваат сите одговори да се бараат во Министерството за правда, поточно во Управата за водење матични книги.
„Не сме чуле за венчавки на отворено. Велите дека ги има и дека така се венчале и некои јавни личности? Не би коментирале такво нешто“, велат надлежните од Управата.
Всушност, Законот за семејство ги воведе неодамна новините со кои може двојките да се венчаваат и надвор од службените матични простории. Но, Управата во рок од три месеци треба да го подготви правилникот за склучување брак надвор од службени простории, во ден и час што им одговара на младенците. Тој период уште трае.
„Со правилникот ќе се регулира каде и како ќе се склучува брак, колку ќе изнесува надоместокот за церемонијата и како ќе се определува и сите други поединости, како што е плаќањето на трошоците за доаѓањето на матичарот, за носењето на книгата, плус трошоците за комисијата што ќе ги утврдува специфичностите и слично. Се' уште ги собираме сите предлози и не сме прецизирале што ќе содржи правилникот. Досега до Управата најмногу барања дошле за регистрација во ресторани, хотели, културно- историски локалитети, излетнички места, околини на верски објекти и слично. По примерот на земјите од опкружувањето и на оние од ЕУ, најверојатно, и кај нас со законската можност што сега е дадена, ќе се бараат можеби и поексцентрични места за склучување брак“, објаснува директорката на Управата за водење матични книги, Катерина Битровска.
Таа додава дека, според Законот за семејство, никој не смее и не може да се венчава без претходно да добие одобрение за тоа од Управата, а потоа и од подрачното одделение на Управата каде што ќе се врши венчавката.
„Лично јас не сум издала одобрение за венчавање на отворено, надвор од службени простории на матичното. Можеби има вакви примери, не знам, не сум запозната со такво нешто“ , вели Битровска и потенцира дека за секој регистриран брак евиденцијата ја води исклучиво Управата.
По исклучок, а од оправдани причини, бракот досега можеше да се склучува надвор од службени простории само ако странките се тешко болни, неподвижни, ако се в затвор и слично, а за тоа претходно треба да се обезбедат соодветни документи. Инаку, според податоците од Управата, во Подрачното одделение - Скопје месечно се склучуваат од 400 до 500 брака. |