Штипските доктори штрајкуваа
Иван Бојаџиски
Штип - Докторите од штипската Клиничка болница завчера на еден час ја прекинаа работата излегувајќи на протест поради лошите услови за работа и ниските плати. Тие порачаа дека нема повеќе да молчат кога нивната одговорна професија се' повеќе се деградира и кога условите за работа на персоналот, но и за пациентите во најголемата регионална здравствена институција од ден во ден стануваат се' полоши. Од Министерството за здравство побараа стопроцентно зголемување на платите, за кои рекоа дека се на ниво на просекот во државата. Имено, специјалистите во болницата земаат просечна плата од 25.000 денари, а со новите законски измени што ги подготвува Министерството за здравство и така ниските примања на докторите ќе станеле пониски. Во надлежното Министерството изготвувале проект на плати по ефект при што ќе предизвикало само еден доктор да може да заработи поголема плата, а на сите други платите да им се намалат и до 30 проценти.
„Суштината на овој модел на наградување била преземена од турското јавно здравство, но архитектите на моделот забораваат дека во Турција доктор-специјалист има плата од 5.000 евра, па од таа сума може да се крати за оние што ќе нема ефект. Со еден ваков модел ќе дојдеме во ситуација да си вадиме очи за 3.000 денари. Бараме зголемување на платите за сто проценти што е услов што ќе го мотивира персоналот да остане во оваа болница и ќе биде предизвик за младите специјалисти да посакаат вработување кај нас“, потенцира Венцо Шопов, специјалист-уролог, претседател на Регионалното лекарско друштво.
Штипските доктори побараа и поголеми вложувања во здравствената институција.
„На многу одделенија недостасуваат специјалисти, а Министерството за здравство не дозволува нови вработување од што трпат и докторите, останатиот персонал и пациентите. На Гинекологија имаме само двајца лекари, кои имаат премногу работа. Иста е состојбата и на речиси сите други одделенија. Колегите бегаат од јавното здравство во приватното, бидејќи таму нивниот труд вистински се вреднува. Нашата Клиничка болница има недостиг и од медицински сестри, хигиеничари и од друг персонал“, укажува Шопов. Тој вели дека во болницата нема ниту елементарни услови за нормална работа. |