Болните од мултиплекс склероза без терапија?

На доставувачите не им е платено осум месеци, па постои опасност да не биде испорачан интерферонот
Јасмина Јовановска
Пациентите со мултиплекс склероза живеат во страв дали на почетокот на секој месец ќе добијат интерферон, терапија со која не се дозволува болеста да земе замав, а која ги уништува нервните клетки. На добавувачите на лекот не им е платено повеќе од осум месеци и повеќе не може да ја кредитираат терапијата, па постои опасност интерферонот да не биде испорачан и пациентите да останат без терапија. Од Клиниката за нервни болести од каде што пациентите се снабдуваат со месечната терапија, велат дека редовно плаќаат за испорачаниот интерферон. Но, со оглед дека овој лек клиниката го набавува преку клиничка аптека, најверојатно, работата е заглавена во Заеднички служби.
А бројот на заболени секоја година расте. Според податоците од Клиниката за нервни болести, секоја година се откриваат по 40 нови случаи на ова системско заболување, а процените се дека во земјава има над 600 заболени од мултиплекс склероза. Алармантно е што болеста се' повеќе ги напаѓа помладите генерации, па има деца меѓу 15 и 18 години кај кои е дијагностицирано ова заболување. Околу една третина од болните се на интерферонска терапија.
На прашањето дали сите пациенти на кои им е потребен интерферон ја примаат потребната терапија, д-р Вера Даскалова, раководител на Одделот за мултиплекс скелороза при Клиниката за нервни болести, вели дека примаат онолку пациенти колку што има средства клиниката, без да даде дециден одговор дали има листа на чекање за терапијата. Таа ја истакна потребата од формирање посебен центар за ова заболување, според примерот на европските држави.
Иако причината за појавата на ова системско заболување се' уште е непозната, и ако не се третира завршува со инвалидитет, кај нас се' уште постојат голем број предрасуди за болеста, па пациентите најчесто го кријат заболувањето стравувајќи за своите работни места. „Има пациенти што работат по осум часа стоејќи или, пак, работат ноќна смена, што е недозволиво за ова заболување“, укажува д-р Даскалова.
Стручњаците и здружението на пациенти се едногласни дека на овие пациенти треба да им се врати правото на бесплатно бањско лекување и медицинска рехабилитација зашто ефектите од нив се исклучително поволни и ги одржуваат психомоторните функции, а пациентите се работоспособни. |